Намален е бројот на пациенти со сообраќајни повреди во Ургентниот центар Куманово

Намален е бројот на пациенти со сообраќајни повреди во Ургентниот центра Куманово, информираа денеска надлежните. Ортопедскиот хирург, д-р Стефан Трајановски смета дека намалувањето на бројот на повредени лица се должи на примената на системот „Сејф сити“, кој придонесува за подобра контрола и поголема дисциплина во сообраќајот.

– Јавно треба да се знае дека проектот „Сејф сити“ дава резултати. Сообраќајниот трауматизам е значително намален со примената на системот и затоа е важно институциите да продолжат со негово надградување и усовршување – изјави Трајановски.

Според него, помалиот број сообраќајни незгоди не значи само помал број повредени лица, туку и намалени трошоци за лекување, помалку боледувања и помал ризик од инвалидитет.

– Кога го намалуваме трауматизмот, ги намалуваме и вкупните општествени трошоци и создаваме поздраво и побезбедно опкружување за сите – изјави д-р Трајановски.

Трајановски сепак, вели дека во летниот период традиционално се очекува поголема фреквенција на сообраќајот поради годишните одмори и доаѓањето на сограѓаните од западно- европските земји. Тој апелира на доследно почитување на правилата, како и на грижа за сопственото здравје.

– Дехидратацијата предизвикува намален фокус, замаглен вид, вртоглавица и општа нелагодност, што може директно да влијае врз безбедноста во сообраќајот. Затоа апелирам граѓаните редовно да внесуваат течности и, кога е можно, да избегнуваат движење во периоди на интензивно сончево зрачење – рече Трајановски.

Тој посебно апелираше  до младите учесници во сообраќајот, особено корисниците на мотоцикли, велосипеди и електрични тротинети.

– Носењето кацига и заштитна опрема значително ги намалува последиците од повредите. Во секојдневната практика гледаме дека лицата кои не користат заштитна опрема многу почесто се соочуваат со тешки последици, па дури и траен инвалидитет – изјави Трајановски.

Според податоците на МВР во однос на прекршоците по системот „Безбеден град“, во мај 2026 година на подрачјето на СВР Куманово регистрирани се 740 прекршоци. Од вкупниот број 700 се за брзо возење, 20 за поминување на црвено светло и 20 за нерегистрирано возило.

-Од почетокот на 2026 година до 1 јуни, годинава на подрачјето на Куманово се регистрирани 129 сообраќајни незгоди од кои 94 се со потешки последици и тоа три со загинати лица и 91 повредени, а 35 со материјална штета. Во 122 случаи учествувале патнички моторни возила, два тротинети и 21 мотоцикли-информираат од МВР.

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести