Агенциите за недвижности укажуваат дека во последната година паѓа цената на становите, а намалена е и побарувачката за нив.
Од Групацијата на агенции за недвижности при Стопанската комора на Македонија велат дека во моментот во државата има поголем број непродадени станови и оти повеќе граѓаните се интересираат за купување помали станови.
– Се купуваат скромни, помали станчиња за да може да се стартува со нешто свое, изјави претседателката на Групацијата Лилјана Ковачева, која додава дека падот на цените е предизвикан од зголемената понуда на становите и во одредена мера намалената побарувачка.
Од Групацијата бараат и донесување на посебен закон за посредување во промет со недвижности со кој би се предложило дел од прометот да оди преку овластени друштва, лиценцирање на агентите, а и градежните компании да имаат обучени вработени за продажба.
– Сите членки на Европската унија имаат вакви закони. Донесувањето на еден ваков закон и кај нас ќе ја подобри климата за работа, а и граѓаните ќе знаат дека соработуваат со професионалци, смета Ковачева.


