Нашата чудесна чекалница

Чудни сме ние луѓето! Во состојба сме да го пропуштиме целиот живот чекајќи на нашите пет минути и безглаво да трчаме по она коешто самите ние го приморуваме да бега од нас. Всушност, несвесно пенетрираме во една гротескна чекалница и во еден уште понеобичен круг во кој неуморно се вртиме. Чекаме на подобри времиња и на нови перспективи. Чекаме на магични добивки од игри на среќа, на нашата сродна душа или на ветеното работно место. Имаме очекувања од државниот апарат, од другарите, од партијата, од родителите, од Бога. Всушност, чекаме и очекуваме сенешто од секој, само немаме очекувања и цели од самите нас.

Чекаме на оставката од “Преродбеникот”. Чекаме на аеродромот “Александар Велики”. Чекаме “К-15”. Чекаме “мој термин”. Чекаме на поквалитетен воздух. Ноќниот живот ни се сведе во чекање на “ефтината струја”. Чекаме на подобра власт, на почесни политичари, на поискрени другари. Додека скаменето го чекаме Годо – болниците, аптеките, јавната администрација и спортските обложувалници станаа нашите нови светилишта. Почнавме да правиме вуду магии и мантри, да пиеме необични напивки и да практикуваме Фенг шуи. Почнавме да правиме мал милион најразлични ритуали и чуд(ес)ни сеанси додека инфантилно чекаме Дедо Мраз да дојде и кај нас.

Хо, хо, хо, хо… колку само би било добро кога Дедо Мраз навистина би можел да дојде и кај нас, за да ни подари неколку новогодишни шамари и не просветли каква најобична куклена играчка сме ние?! Хронично онесвестени и заспани мини-фини човечиња! Колку само ни е потребен тој подарок?! Тоа волшебно црвенило на нашите исфрустрирани и заспани лица! Хо, хо, хо, хо.

Чекајќи и спиејќи почнавме многу да говориме, а малку да кажуваме и слушаме; многу да се фалиме, а малку да правиме и градиме; многу да посакуваме, а малку да даваме и нудиме. Многумина почнаа да ни ветуваат чуда, а реално да не посипуваат со трошки, додека ние само немо и слепо им се поклонуваме. Додека гладот никако не успева да го надвладее стравот, лагата тивко ја уби вистината, а злото системски го уништи доброто. Ние, единствено успеавме да го усовршивме чекањето. Истото да ни стане рутина и неизоставен дел од нашиот менталитет и живот. Да се распаѓаме болно, бавно, на рати… и чекајќи.

Чудесната македонска чекалница денес е прибежиште на уплашени, на гневни и на исфрустрирани граѓани. Додека индивидуите се сурово ентропирани, овде само наводно владее “народот”. Овде целосно се задушени автентичноста, пркосот и личниот печат на индивидуите. Поединецот е претворен во ефтина бела техника. Бесмисленото чекање забрзано произведува болни фрустрации, страв, гнев, и вбризгува дополнителна лепеза на најразлични ментални отрови кои го ничкосуваат и трујат индивидуалниот потенцијал и душа. Колективното ослободување е возможно само преку претходно ослободување и будење на заспаните и онесвестени индивидуи. Тоа будење не може да ни го овозможат и подарат оние на кои сме им дозволиле да не хипнотизираат и заспијат. Будењето е континуирана борба во самите себе со самите себе за самите себе.

Доаѓа нова година. Зад нас оставаме уште една година исполнета со неразумно чекање во нашата чудесна чекалница и залудно лутање во маѓепсаниот круг на летаргичноста. Новата година ќе пристигне и за оние кои што нема да  ја чекаат. Во животот навикнавме да чекаме милион најразлични работи, но секогаш и на сигурно ни доаѓале само новите години. Ние повторно ќе застанеме пред две алтернативни: да продолжиме да чекаме вртејќи се во круг на некој друг, или пополека да започнеме да се будиме и освестуваме. Па, преку борбата за своите права и слободи, за својот личен прогрес и усовршување, и преку емпатичноста и солидарноста кон другите да успееме да генерираме нова прогресивна општествена синергија!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести