Се појавија нови докази дека рускиот претседател Владимир Путин всушност поседува луксузен замок изграден на стрмните брегови на Црното Море, а за откритието е „виновното“ протекување на податоци од популарна апликација за фитнес.
За потсетување, претходно беше откриено дека членовите на американската тајна служба, како и телохранителите на светските лидери, отворено споделуваат мапи од нивните активности, преку кои може да се дознае каде се движеле сите, пишува француски „Монд“.
Новите информации за Путин и неговата луксузна резиденција доаѓаат токму од оваа апликација, Страва, бидејќи телохранителите на Путин често ја користат, и според апликацијата тие биле таму и вежбаат во близина на замокот, пишува Јутарњи.
Податоците од фитнес апликацијата покажуваат дека чуварите на Путин од Федералната служба за безбедност (ФСО) трчале околу резиденцијата во август и септември 2019, 2021, 2023 и 2024 година.
Наводно, од истата апликација се гледа дека телохранителите на Владимир Путин често престојуваат во близина и на друга тајна резиденција на рускиот претседател, неговата викендичка или „дача“, која се наоѓа на езерото Ладога, на само триесетина километри од Финска, која е членка на НАТО.
Руските независни медиуми и покојниот опозициски лидер Алексеј Навални го открија постоењето на големиот имот на Црното Море, кој има лозје и замок со вкупно 16 ката, од кои некои се вкопани во карпа и може да послужат како бункер и атомско засолниште.
Во обид да го ублажи скандалот, блискиот пријател на 72-годишниот Путин, милијардерот Аркадиј Ротенберг, изјави дека тој е вистинскиот сопственик на палатата, која имал намера да ја претвори во хотел. Сепак, никој не веруваше во тие тврдења.
Во меѓувреме, се појавија многу докази кои сугерираат дека палатата им припаѓа на Владимир Путин и неговата тајна партнерка Алина Кабаева (41), за која се верува дека има два сина со Путин, Иван (9) и Владимир Јуниор (5).
Јавноста дозна за деталите за палатата откако проговори работник кој учествувал во изградбата на зградата, кој побарал да остане анонимен.
Огромната палата потсетува на куќите на негативците од филмовите со Џејмс Бонд.
Познато е дека Путин има уште една палата северно од Москва во Валдаи каде Кабаева и нивните два сина живеат луксузен живот.


