Примарните производители годинава ќе продаваат помала количина пченица по пониска цена. Причина за ова се предвидувањата за слаба реколта и општо ниските берзански цени на пченицата на светскиот пазар за кои и проценките на Народната Банка велат дека ќе се задржат до 2016 година кога се очекува благ раст.
Во вакви услови Министерството за земјоделство ги седна мелничарите и примарните производители на една маса со цел да договорат заеднички прифатлива откупна цена но како што изгледа не успеа до крај во својата мисија. Ниту мелничарите се задоволни со фиксирана откупна цена од 11 денари, ниту пак примарните производители кои бараат повеќе, пишува Капитал.
Николчо Ѓоргиев сопственик на „Мак млин“ и претставник на мелничко пекарската индустрија вели дека крајно време е во Македонија да почнат да функционираат пазарни услови, а не цената на пченицата да се одредува на маса според некакви социјални критериуми.
„Ако министерството или општо државата сакаат да ги помогнат земјоделците тогаш слободно нека им ја исплатат разлика која тие ја бараат. Ние не можеме да плаќаме цена која е повисока од берзанската. Плус тоа не може да се одредува просечна цена кога има различен квалитет на пченица од производител до производител. Иако официјално е понудена цена од 11 денари за килограм ние сме спремни да платиме и повеќе за најквалитетната пченица. Но и примарните производители треба да се свесни дека неквалитетната пченица реално треба да се продава за 8 или 9 денари“
На ова претставниците на здружението „Аграр“ најавија дека нема да ја продаваат пченицата, ако не се договори повисока цена. Нивните колеги од асоцијацијата на земјоделци сметаат дека би биле задоволни со понудата на мелничарите од 11 денари за килограм но очекуваат владата да субвенционира дел од цената.
Засега компромисно е одлучено до конечно утврдување на цената договорено е годинешниот род да се чува во силосите на млинарите.
Според проценките на земјоделците годинава не очекува минимум 30% послаба жетва од лани поради временски услови. Ако приносите минатата година изнесувале 3 до 3,5 тони, годинава се очекува да бидат намалени на 2 до 2,5 тони. Податоците од Стопанската комора покажуваат дека од вкупните количини пченица кој мелниците во Македонија ги преработуваат, околу 60% е увозна, а 40% домашна откупена пченица. Со оглед на погоре споменатите факти оваа година може да се очекува овие бројки да бидат уште подрастични или преку 70% од пченицата која се преработува да доаѓа од увоз.
Извор: Капитал


