Не трчајте по новите работни места за да не се судрите со оние кои бегаат од нив

“Во Македонија секојдневно се отвараат од 500 до 600 нови работни места, а тоа дека на Запад се заработува повеќе е само добар маркетинг” – рече Директорот на Агенцијата за вработување Влатко Поповски убедувајќи ги младите да не заминуваат во странство. На владините медиуми со месеци непрекинато има реклами и банери со слоганот “Македонија вработува”.

Тонч. Во Македонија на режимските телевизии и во служба на режимската пропаганда се отвараат милиони нови работни места, но во реалноста минатата година дневно по 213 граѓани ја напуштале оваа земја. Тоа е вистината. Владата и Директорот на Агенцијата новите работни места ги отвараат во Германија, САД, Италија и насекаде во светот, овде НЕ! Овде ги затвараат сите перспективи.

Добро информираните владини портали и секогаш добро информираните режимски експонати лиферуваа уште една небулоза. Ван Хојте бил дебело поткупен за да ги руши медиумите во Македонија кога неколку “професионални” и секогаш добро информирани новинари не дозволиле да бидат поткупени од опозицијата за да го манипулираат народот.

Тонч. Во “Јади бурек” пред неколку дена гостуваше една “независна” (пештерска) новинарка. Таа заедно со урнебесно “професионалниот” водител гротескно глумеше шокираност од опозицијата, Ван Хојте и нивните црни сценарија. Немаше прашања за Визарис, за милионите и за конекциите со врхушката. Се обвинуваше опозизијата за ирационалност, додека рационалните и логични прашања ја заобиколуваа новинарката како “киша око Крагујевца”.

Секојдневно за младите се промовираат по минумум пет нови проекти од страна на преродбениците. Инстантно ќе се вработувале најдобрите млади студенти, ќе се реновирале библиотеки и студентски домови, ќе се граделе анфитеатри и скејт паркови.

Тонч. Веќе избледе мастилото во тефтерчињата. Поминаа десет години. Се задушија многу генерации. Си заминаа многу таленти и квалитетни кадри. Поради нивните ступидни и несериозни политики за младите. Младите беа само краткорочно заведени и искористени. Затоа сега младите на вас ви порачуваат: “не ни е жал што сеуште не лажете, жал ни е што мислите дека сеуште ви веруваме”!

Македонија неуморно привлекува нови странски инвестиции, Владата континуирано ја раздвижува македонската економија и отвара нови бизнис хоризонти. Се отвараат многу нови работни места. По 600 на ден. Македонија е Сингапур на Балканот и вистински бизнис рај.

Тонч. Македонија инвестира во странските инвеститори, наместо тие да инвестираат во Македонија. Додека Македонија инвестира во инвеститори, нашите компании функционираат отежнато, неликвидно и директно ја финансираат Владата и нејзините странски партнери. Домашниот приватен сектор системски се истиснува(ше) од сферата на инвестициите, синдикатите системски се задушуваа(т), нашите работници масовно се злоупотребуваа(т) и иселуваа(т), а парите завршуваа(т) во фамилијата, нејзините бизнис партнери и надвор од Македонија. И покрај се, на ТВ Сител сеуште сме топ светски реформатори и економски лидери, иако Владата се задолжува за плати и пензии, а македонскиот граѓанин за покривање на основните животни трошоци работи како роб и приморан е да подигне кредит… за да умира на рати!

П.С. Розите се црвени, синоличките се сини, дали земјата е рамна или така на Миленко му се чини?!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести