Почетокот на имплементација на Договорот од страна на Србија го соопшти министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Бранислав Недимовиќ, додавајќи дека договореното се спроведува, а по потпишувањето на договорот веќе имало пратки од Северна Македонија во Србија.
-Како што се договоривме и потпишавме, така се и функционира, нема повеќе чекање на граничните премини, ако стоката тргне од Куманово и треба да оди во Суботица, ги признаваме нивните лабораториски анализи, таму се врши усогласување на документите, така е со стоката од животинско и растително потекло, така е со сите стоки кои се во секторот за безбедност на храната и тоа е она што е произлезено од Отворен Балкан, изјави Недимовиќ за ТВ Пинк.
Тој посочи дека Отворен Балкан во однос на прехранбениот сектор е ставен во фунција со полн капацитет и дека сега постои систем на рани најави.
-Тоа значи дека за оние кои сакаат да испратат некоја стока од Албанија во Србија, постои наша посебна платформа каде што шпедитерот еден ден претходно најавува што ќе пристигне, а ние автоматски му издаваме електронска потврда дека влегува во државата, изјави Недимовиќ.
Тој кажа дека целосната размена меѓу Србија, Северна Македонија и Албанија во прехранбениот сектор е околу 420 милиони долари и оти верува дека „со рушење на пречките“ за неколку години ќе достигне до милијарда долари размена.
Според него Србија во Северна Македонија и Албанија најмногу извезува пченица, пченка, брашно, сончогледово масло, „кое се извезува во неверојатно големи количини“, како и млечни производи, додека од Македонија најмногу се увезува грозје и вино, и како што наведе, „не толку домати како порано.“
МИА
]]>


