Пет илјади хектари плодна површина во срцето на Овчеполието петта пролет по ред ќе останат незасеани. Откако пред три месеци беше раскинат договорот за концесија со индиската компанија Сахарјан Македонија, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство се уште нема распишано нов оглас за давање под концесија на плодните ниви кои беа во сопственост на некогаш вториот по големина комбинат во државата, кој хранеше три града, пишува еМагазин
Од Министерството за земјоделство за еМагазин велат дека се уште не е објавен огласот, а нема ни информација кога ќе биде објавен. Нема одговор ни на прашањето дали земјиштето повторно ќе се дава на еден концесионер или ќе се подели на четири парцели кои ќе ги земат домашни компании.
Проектот на Сахарјан Македонија на индискиот милјардер Субрата Рој од самиот почеток беше отценет како преголем за да биде реален. Во „трката“ извисија неколку домашни компании кои што имаа огромна потреба од плодните ниви кои беа доделени на индискиот инвеститор.
Пред две години на јавниот повик за изразување на интерес за земјиштето на Џумајлија кој го објави Министерството за земјоделство се јавија 30 компании.
Иако првично беше предвидено плодните ниви да се поделат на четири парцели кои би се дале на користење на четири компании, сепак на крајот одлуката беше да се даде под концесија една парцела на еден инеститор.
Како компании кои беа заинтересирани заедно со Сахарјан Македонија беа и млекарнците Здравје Радово и Суташ, а се спомнуваше и името на велешката агрокомпанија Агриа.
Според договорот кој пред 20 месеци го потпиша Министерството за земјоделство со компанијата Сахарјан Македонија, Субрата за годишен надомест од 121.000 евра на користење од државата доби повеќе од 5.000 хектари плодно обработливо земјиште во срцето на Овчеполието во наредните 15 години, со можност да го продолжи договорот на уште толку години и тоа со непосредна спогодба.
Инвестицијата на Субрата Рој во Џумајлија на самиот старт беше спорна односно нереална за многумина. Фактот дека тој планира да направи фарма со 20 000 крави и фабрика за добиточна храна со капацитет од 75 000 тони за познавачите на приликите во оваа област, беше невозможна мисија.



