Ненад Јовановиќ: Помакедончување, а за Фикусот радување

Помакедончувањето создава прегреаност на нацијата, поттикнува нездрава атмосфера во која мораш да се браниш од оптужба дека не си „доволно“ или на вистински начин „она што од секогаш беше“.

Какви се тие времиња во кои најнационалната институција во Македонија, наречена претседател на Република Македонија, ја прогласува фигурата „фикус“ – најпатриот на Македонците? И да не се лажеме, докторот на политички науки, Ѓорге Иванов, му се случи токму тоа, што значи дека таквиот термин e употребен јавно, што значи дека тоа се случува. Ѓорге Иванов е прогласен за „патриот на Македонците“. Тоа, додуша, за самиот претседател на Република Македонија може да се каже ништо помалку освен тоа дека штити мафијашка клика, надоврзувајќи се на тоа дека во јавноста, со потспрдна матафора е наречен „претседател фикус“.

Енивеј, докторот Ѓорге Иванов (човек кој после неговиот претседателски мандат, тврдам, ќе мора да одговори на многу прашања зошто и како „претседателствуваше“ со Македонија, како и тоа кои се’ одлуку ги правеше во наше име…), таквата титула ја заработи благодарение на оние празни форми од типот, „унитарноста“, „татковината“, „суверенитетот“ итн. Таквите одеци растурија во „патриотската јавност“, што значи дека од една безгласна буква во политичкиот живот, направија „фактор на стабилизација“. Но имајте на ум, кај нас најголемите субверзивни вистини се токму тие кои сите ги знаат, но исто така дека тоа е наша посебност – најмалограѓанска појава и работа на „добро воспитание“ да се прават дека немаат појма за тоа. Како случајот со „бомбите“. Сите знаат за какви стоки се работи, ама мудро си молчат помакедончените. Што е полудо, тоа подобро поминува, ама да не’ ти даде Господ тоа јавно да го кажеш она што е јасно и премногу очигледно.

Ова, пак, не води кон најголемиот син на нашите „помакедончени“, Никола Груевски лично. Нашиот главен кмет, бивш премиер по општа пракса, изјавува: „Ако јас не сум премиер на Македонија, државата ќе се распадне“. Човек кој е против „странскиот окупатор“, во интерес на „помакедончената револуција“, напоменувајќи дека Македонија не смее да си игра со националните интереси, грбот, знамето, банкнотите, војничките униформи, што значи Македонија не смее да го предаде митот за Македонците, а без тој мит ние сме (кој „ние“? Па „ние Македонците“) никој и ништо, остануваме бедници без идентитет, нешто слично како што Америка би останала без Холивуд.

Е, сега, да се „полемизира“ сериозно на овие теми со Груевски и Иванов е губитничка работа: тие двајца во јавноста не зборуваат за тоа да има некаква смисла, туку тие зборуваат на начин кој убаво звучи на онаа сурија на која и’ се обраќаат. Во секој „домашна“ пригода. Каков мит, какви бакрачи, кој воопшто во Македонија бара да „деконструира“ митови, и како воопшто митовите на една нација се крадат и одземаат? Овде имаме многу посериозен и конкретен историски проблем, а нивното кобно недавање на мандатот таквата работа дополнително ја одмогнува. А богами и тој Холивуд? Како, како? Што сакаше „писателот да таже“? Па Холивуд, ѓутуруми, не е мит туку индустриска зона сместена на територијата Лос Анѓелес, Калифорнија. Сакам да кажам, Груевци, односно ДПМНЕ, заедно со „македонскиот идентитет“ се толку блиску со Холивуд колку што шивачка машина и „чадорот“ на Мирка Велиновска има врска со операциона сала. Дали тоа Ѓорге Иванов и Никола Груевски не разбираат, или пак, добро го знаат, ама се прават на Тошо и истеруваат некои свои опсесии, каприци и некоја своја „агенда“? Право да ви кажам, баш ми е гајле, нивна работа. Важно е само да се заштити Македонија, ако е тоа возможно, од повторно потпаѓање на ваква власт со ваков јазик и мислење.

Што се однесува до Иванов, човекот во многу наврати ни докажа дека се работи „сериски рецидивиста“, и би рекол дека тука нема на што човек да се надева. Сетете се само на фамозната аболиција, или сетете се на неколку идиотски глупости во јавноста кои ги направи како, „звучи шашаво, ама функционира“… Или повеќе-помалку било што кое политички го отцртува неговиот јавен лик во изминативе десетина години, се од оној момент навака кога Иванов одлучи да стане патриота, и тоа баш Македонски. Во прелиминаторната фаза, за волја на вистината беше „југословенски“ патриота, ама цврц, тоа е таа врста на „транзитно југословенство“ кое е, што-ти-ја-знам, ако природно се колнеш во Данило Киш, или Џон Стујарт Мил, а патриотски, што значи професионално, во Ченто, или пак јебеното Ќосе.

Сакам да го кажам ова: неподносливо е повеќе да се слуша Иванов, неподоносливо е нивното слушање околу бахатото повикување на предавници, сите оние национални митови низ кои ја присовојуваат нацијата и верата, и се’ тоа што оди околу тоа оди. Не ми паѓа на ум да се им се правдам на разни бабароги по улици и сокаци, како и тоа да докажувам тоа што е предобро познато и на голема мака кое е веќе докажано, а тоа е дека немам никаков проблем со таканаречената „Албанска платформа“, затоа што, по ѓаволите, јас пораснав во мултиетничко Скопје, се социјализирав во Сплит, а не во некоја дупка, трло од кое не може да се погледа сопствениот папок, а камо ли оној кој е твој сограѓанин.

Иванов, тој е сега граѓанин на Македонија, а и Македонец е, ако така ни вели: „македонштината“ ионака не е објективно-научно потврдена категорија, туку обична метафизичка магла. Ама неволјата е во тоа што таквата „неофитска“ прегреаност создава нездрава атмосфера во која лесно може да ти се случи да се браниш од оптужби дека некако не си „доволно“ или на „вистински начин“ она што од секогаш беше, па никако да ги задоволиш патриотските критериуми на оние кои „помакедончувањето“ им е ново и интересно, и сосема добро им оди со тоа, како се нарекува тоа македонско-југословенство new age патриотизам (?), борба против одамна изумрени империи, или борба „за името“ на Македонија, борба против ЕУ и НАТО, за вистината на чичко Путин, или што се’ веќе оди или умира низ Скопските кругови и катакомби.

 

Пишува: Ненад Јовановиќ

Граѓански активист

 

 

 

 

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести