“Ljudi se međusobno varaju,
lažu jedni drugima u lice,
obmanjuju se laskanjem i prozirno pretvorljivim udvaranjem,
a to im često pošteno ljudski izgleda nerazmjerno hrabrije,
nego da jedni drugima kažu golu istinu.” (Miroslav Krleža)
Една од бројните благодети за државата ќе биде кога фамозното ДПМНЕ ќе отиде во опозиција, што значи дека човек ќе има помалку причина со нив да се занимава, да речеме, ќе одмори од пишување за нив и нивните „умни“ активности. Не затоа што во иднина ќе бидат помалку интересни, не може, имено, да се биде помалку интересен од ДПМНЕ – не е возможно да се биде помалку интересен од Никола Груевски во сите негови агрегатни состојби и фази – туку, затоа што од позиција на опозиција, ДПМНЕ нема да биде во толкава можност да прави активна штета на државата и на нејзините граѓани. А, Никола Груевски, ако има правда на светот, да добие фер судење. Со други зборови, ќе биде тој човек и натаму неподносливо продуктивен, ама неговите мисловни „равенки“, ние нема да ги чувствуваме директно на своја кожа.
Ќе ги издржиме и сите оние „национални мислители“, Науновци, Неделковци, Илковци и слична боранија, само да отиде Груевски тамо каде што припаѓа, да одмори на некое време, бидејќи, нели, доволно време ‘рмбаше (за Татковината!).
Во „Прогласот“ Груевски искажа пуно липих ствари, објаснувајќи ни уште еднаш дека човекот не планира да се занимава со риболов – туку, ќе продолжи да ја разнебитува Македонија. Ако пак, мене ме прашате, воопшто не би ги сметал за наивни апелите на „македоноидите“, радикалните прврзаници на груевизмот: сешто ќе се нагледаме! Но, има тука нешто интересно, има тука еден интересен детаљ во „Прогласот“ што Оцо наш, ни го исчита. Ни го исчита на таков начин, сé она што ние треба да го знаеме за тој човек од една страна, а од друга, како, почитувани пријател(к)и, всушност, сите ние заедно влеговме во ваква каша-попара… И, зошто нашето „кашапопарување“ се продолжува така неподносливо долго, заканувајќи ни се со историски трајна состојба.
Ни ја објаснува Груевски „тезата“ што ја разложуваше во „Прогласот“ таргетирајќи некои „платеници“ и душмани на Македонија: „Почитувани присутни, сакам да ве информирам (а во заднина, В-М-Р-О-ДМПНЕ, ДПМНЕEE!, В-М-Р-О-ДПМНЕ, ДПМНЕЕЕ!), пред малку заседаваше ИК на ДПМНЕ и донесе ‘Проглас’ (подобро Проглас отколку тенк!) во кој ќе ја браниме одбраната на демократијата на Република Македонија; ДИК се претвори во пародија; имаме информации за вмешување на некои странски претставници(?), вршење на притисок кон некои членовите во ДИК…“ И тука запрев да го слушам, отидов на едно место добро да се изблујам, па потоа „уредно“ се вратив, седнав на столот и продолжив со овој текст…
Kажете ми, каква е оваа визија на ИК, а исчитана од Груевски? Тоталитарна, опсесивна, лудачка…? Ајде да ги баталиме „крупните зборови“ во „Прогласот“ и да видиме какви се импликациите. Најпрво, што прави „вистински Македонец“ од памтивек? Се бори за националната гордост и за името. И таа борба, воопшто не ја зема за бесмислена, најмалку тогаш, кога отворено е загубена. Како што тоа, божемепрости, денес на многу луѓе баш така им изгледа. Бидејќи е така, таа борба мора нужно да продолжи во иднина, и тоа без временски ограничувања, па ако треба и во милениуми, еони, светлосни години… Нивната национална борба, имено, не може да биде загубена затоа што таа според сопствениот табиет е неизагубена. Како е тоа возможно? Наизглед, во „Прогласот“, Груевски дроби глупости. Меѓутоа, тоа е така, само ако ви бега поентата, ако припросто го рефлектирате проблемот на „реален“, „физички“, како тоа што тие го нарекуваат „национална држава“, или името не го даваме. Meѓутоа, овие работи на Груевски му се непотребни, дури, ми се чини, дека му пречат. Како му пречат? Па убаво, Македонија, да речеме, во текот на 20 век – околу 35 години, што значи од ’45-та до ’90-та година, немаше проблем со националната држава, а богами, ниту со името. Во текот на тоа време, груевци, или нивните историски авети, не можеа како денес да се борат така романтично за името, националната држава, идентитетот, ма знате веќе со што сé им се преполни устите, оти, по ѓаволите, сé тоа веќе имавте. Поточно, и тогаш Македонија, во некоја смисла, се бореше за „национална држава“ и за „името“, само на начин спахијски, велепоседнички, што значи, банален и недостоен: Сите Македонци во една држава. Одличен параван за транзиција, грабеж, она што во 20 век беше јавно, што значи општествено, во деведестите стана приватно, што значи лично. Како впрочем, и во сите балкански републики кои тоа време јуришаа напред со „национален предзнак“.
И на крајот, што излезе со Груевски и национална Македонија? Ништо. Македонија ја изгуби власта над „реалната“ држава и името, а притоа, во своите велепоседнички десет години, имаше само проблеми – огромен грабеж, огромно физичко отселување на млади луѓе, компромитација со светот, како земја која на сила се конфронтира со непоколебливите граѓани, за кои, притоа тврди, дека се „нејзини“ – само што тие тоа не сакаат да го признаат, веројатно заради наследена паланечка тврдоглавост. Сé на сé, „Прогласот“ на Груевски само ќе го запали идеалот на „историската борба за национална држава“, како трансцендентална војна за исклучиво ет(н)ичкото право (и должност!) да се нарекува Македонец. Многу е полесно и „безболно“, груевци да се борат за историската борба на државата, кога таа држава се наоѓа „надвор“ од Европа, таква Македонија, во тој контекст, е незагадена од секојдневниот-тривијален-и-вистински свет.
Каква е таа визија која Груевски ја исчита во „Прогласот“ пред некој ден, и што тоа ни кажува за карактерот на македонското општество? Дека има разорно, убиствено дејство: додека таа борба трае, а идејата е да трае засекогаш, бидејќи „победата“ е невозможна а „поразот“ неприфатлив, Македонија per definitionem не може да се заснова како „нормална“ држава и како стабилно и демократско општество. Зошто? Затоа што таа бескрајна војна – подразбира една фундаментална недовршеност, всушност, зачмаеност: Македонија која се бори за својата национална држава, не постои во реалниот свет како заокружена целина. Напротив, на неа секогаш нешто ѝ недостига, и тоа не било што, туку она нешто што Груевски и неговите, одново и одново, го повторуваат – дека средиштето на нејзиното битие е некаде на друго место. На Груевски, уверен сум, многу повеќе му е јасно, отколку што мене ми е јасно, дека, ако Македонија сака да се интегрира во ЕУ, не може повеќе да сонува за „национална држава“. Па, прашањето е, кому и за што, воопшто му е неопходно тоа циклично тропање, со барање на вештерки и протерување на предавници?
Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист


