Несторовски: Се будиме во уште еден шок на западната политичката сцена со победата на Трамп

Се будиме во уште еден шок на западната политичката сцена со победата на Трамп на Американските претседателски избори. Анкетите погрешија. Експертите, политичките аналитичари, интелектуалците, повторно не успеаа да разберат како би гласал просечниот граѓанин.

Пазарите не се толку погодени како што би очекувале од ваков резултат, со исклучок на вртоглав пад од 10% на Мексичкото пезо и очекуван пад на американсите берзи за неколку часа. Причината за тоа не е затоа што светот не е во шок, туку затоа што никој неможе да предвиди што Доналд Трамп ќе значи за Америка, и сите нас.

Од тоа што го знаеме во моментов мислам дека можеме да ги донесеме следниве заклучоци од што може да се очекува од Доналд како претседател.

– Трамп ќе биде неконвенционален. Може да се очекува рушење на досегашните правила на игра, политичките норми на меѓународната сцена и начинот на кој функционира светската економија.

– Тоа може да значи помалку мешање на Америка во внатрешните работи на други земји и фокусирање на домашната политика. Светот би го изгубил својот дежурен полицаец или бастионот на демократско владеење, како сакате.

– Либералната економија и слободата на движење на капитал, може да биде заменета со меркантилистики (затворен) тренд на повеќе тарифи и санкции.

– Затоплување на односите на Америка со Русија и ладење на тие со Кина, кого Трамп ја обвинува за манипулација на сопствената валутата за здобивање економска корист и на штета на Америка. Фановите на Трамп имаат големи симпатии кон Путин, дури и носеа транспаренти со негови слики за време на кампањата. Се сомневам дека Трамп ќе сака да ги изневери своите најзакоравени гласачи и очекувам да се труди да ги подобри односите со Русија.

– И секако, очекувам заслабена борба за еднаквост помеѓу половите, етникумите и останатите маргинализирани групи, познавајќи го неговиот однос по овие прашања.

Светот навлегува во нова ера на владеење, која што многу наликува на 1930-тите. После Brexit и Трамп, пред нас се и Италијанскиот референдум во декември и Француските и Германските избори наредната година, што може да ја одлучат судбината на Европа. За нас тоа можеби значи последна шанса да ги средиме работите дома затоа што нема да можеме да сметаме на надворешна медијаторска помош понатаму. Дали ова е почетокот на крајот на Америка остануваме да видиме. Но едно е сигурно, светот нема никогаш повеќе да биде ист после оваа 2016-та.

Пишува: Ненад Несторовски

Авторот е финансиски аналитичар во Лондон, а претходно има работено во секторот за издавање еврообврзници на италијански компании и банки HSBC Милано.

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести