Тројца маскирани разбојници синоќа се обиделе да ограбат семејство во нивниот дом во Гостивар во населбата „Седма зона“. Благодарение на присебноста на домаќинката, која повикала помош и го активирала алармот, намерата на разбојниците не се реализирала. Во куќата на семејството кое важи за поимотно и има менувачница, разбојниците влегле додека, внатре биле сопругата, мајката и синот на сопственикот. Обидот за разбојништво го потврди и сопственикот А. Ф. кој по телефон изјави дека неговата сопруга била удрена неколку пати по што и била пружена медицинска помош.
– Не е одземено ништо, но повреди имаат и мајка ми и синот. Сите се под голем стрес, изјави А.Ф.
Според него, разбојниците, од кои едниот имал пиштол, ја искористиле приликата кога жената ја отворила влезната врата и излегла да фрли отпадоци. Откако влегле, со примена на сила се обиделе да ги врзат со леплива трака и од домашните барале пари. Во мешаницата, домаќинката З. Ф. (61) успеала да го активира алармот, по што тројцата натрапници побегнале. Набрзо на помош дошле и соседите, а случајот бил пријавен во полиција по што бил извршен увид.


