Земјоделски субвенции – топ тема за сите производители, особено кога се носат програмите на МЗШВ и одлуката на Владата за кои производства и колку пари државна поддршка ќе се издвојува.
Ако тргнеме од ЕУ, би требало 40% од Буџетот да биде само за земјоделски субвенции и рурален развој. Ако останеме каде што сме, разговараме за 120 милиони евра во буџет од над 5 милијарди евра.
Но дури ни висината на земјоделските субвенции не е дискутабилна, колку што е моментот – на што се даваат овие пари, дали се инвестираат повторно во производството и зошто е постојаното незадоволство на земјоделците кои изминатите 10 години со 1,5 милијарди евра се помогнати од државата. Се чини дека целата дискусија околу земјоделските субвенции е во негативна конотација, површно, со недоволно факти и информации. Но не е човек да замери – има бројки кои укажуваат на тоа дека нешто не е како што треба.
Увоз на храна 2014 година – 517 милиони евра увоз
Увоз на храна 2024 година – 968 милиони евра
Во истите години имаме пад на обработливи површини, производство и намалување на добиточниот фонд.
Ваквата состојба не е поради лоши земјоделци или компании, повеќе мислам дека проблемот е суштински – немање стратегија, ама не на 200 страни, туку едноставна и применлива, по примерот на една Албанија. Со 20 милиони евра, пред 5-6 години, го зголемија домашното производство на храна со едноставен пристап – видоа што увезуваат (пример ресенските јаболка) па субвенционираа подигање овошни насади, и други земјоделски култури и на тој начин го намалија одливот на девизи за увоз. Исто така видоа и што извезуваат, форсираат оранжериско производство, градинарство, тоа што имаат компаративни предности и го зголемиот извозот. При тоа не се правеше разлика, ниту скалесто субвенционирање затоа што беше важно да се субвенционира ПРОИЗВОДСТВО, а не фирма или земјоделец.
Кај нас, со години се менуваше „тактиката“ на поделба на субвенциите зависно од лобирање на одредени групации, здруженија, задруги, компании…некои со аргументи, некои со привилегии. Исто така се правеа различни обиди што ќе дадат најдобар ефект, ама се некако се балансираше меѓу социјална мерка и субвенции за тие што сериозно се занимаваат со земјоделско производство.
Ако тргнеме од ставот дека се субвенционира производство, односно корисници на субвенции кои државната помош ќе ја инвестираат во нова технологија, квалитена заштита, прихрана, а со тоа ќе имаат зголемен принос, квалитетен производ кој нема проблем за пласман. Ваквите производители ќе го зголемат и домашното производство на храна, ќе се намали зависноста од увоз, тие компании ќе склучат договори со помалите земјоделски производители на кои ќе им го решат проблемот со пласманот, ќе им го авансираат производството и уште многу други позитивни ефекти, тогаш се поставува прашањето – зошто на таквите компании им се кратат субвенциите?
Не зборуваме за некаква праведност, мали, големи, па добиле тие земја, па се моќни имаат пари…еве така е, ама тоа е резонирање за во кафеана, или пред продавница. За стратегија и канцеларија, не е затоа што кога ги имате бројките кои се постојано во пад, на скоро сите производства, логиката вели, кој и како може да ја промени состојбата во интерес на сите граѓани и на државата.
Тој со 2 крави, тешко, со 10 декари пченица исто така… но состојбата може да се промени со оние што имаат големи површини или поголем број на крупен и ситен добиток. Скалестото субвенционирање го заштедува буџетот но тие пари можат значително да придонесат во зголемување на домашното производство на храна, ако ги имаат поголемите за да ги инвестираат во зголемување на производството. Тоа лесно може да се следи и контролира, односно да се услови со зголемување на засеани површини, зголемен род, извоз, соработка со помалите земјоделци итн.
Еве еден пример со пченицата која секоја години се сее се’ помалку поради нерантабилност на помалите и покрај 100% субвенција, а тие што имаат поголеми површини добиваат 30, 20 или 10 % од субвенциите па и нив не им се исплати.
А нашите годишни потреби се 300 000 тони, од кои 250 000 се обезбедуваа од домашно производство а останатите се увезуваат, најчесто од Србија. За да може да имаме домашно производство на пченица како стратешка култура, важно е да се стимулираат сите што имаат површини да се засејат. Со нови 20 000 ха и просечен принос од 3 тона од ха може да се достигне да не бидеме зависни од увоз и лебно жито да имаме од домашно производство.
Истата математика може да ја направиме со сите производства за кои имаме реални можности да се зголемат, ако земјоделските субвенции одговорат на предизвикот и не се делат на оние за малите и оние за големите туку за сите што ПРОИЗВЕДУВААТ.
Ленче Николовска


