Ноќ на дрвото

 

На 2-ри декември се одбележуваше “Денот на дрвото”. По шестнаесетти пат. Беше неработен ден. ТВ Сител и Љупчо Златев направија вселенски прилог за оваа акција (поддржана од “еколошката” Влада) преку која се заштитува и разубавува животната средина. Овогодинешното мото беше “Засади успех”. Креаторот на прилогот нотираше дека Македонија е побогата за три милиони дрвја. Три милиони дрвја. Три милиони дрвја. Три милиони. Дрвја!

Во ред. Да се вратиме од зелената фантазија и офанзива на ТВ Сител во масакрираната и сива македонска реалност. Поминаа десет денови од садењето “успех” на ТВ Сител. Беше ноќ. Околу педесетина дрвја во автономниот кампус на УКИМ не го дочекаа светлото на денот. Доколку имавме професионални медиуми и објективно новинарство, на истата телевизија требаше да има прилог и за оваа акција (поддржана од “нееколошката” Влада) преку која се уништува и нагрдува животната средина под мотото “Засади барок”, а истиот тој “новинар” требаше да нотира дека Скопје е посиромашно за педесетина дрвја.

Во ред. Далеку сме ние од нормалноста. Овде масовно се садат палми. Се облекуваат, се тушираат и им се прават фризури. Овде масовно се сади и барок. Статистички овде никнуваат многу повеќе барокни зданија од дрвја. Да биде гревот уште поголем барокните грдосии никнуваат на зелени површини. Во Скопје последните неколку години се исечени над 30% од дрвната маса. Тоа е криминал. И трагедија. Голема!

Доколку пак, барем 30% од дрвјата што (наводно) беа засадени во спроведеното позеленување на македонските површини претходните осум години во акцијата “Ден на дрвото” беа реалност загадувањето и квалитетот на воздухот немаше да бидат на моменталното одвратно и штетно ниво. Но, спроведените акции и грижата за животната средина се параван. Тие се само филувана стварност за собирање на ситни дневно-политички поени. Веќе десет години овде е суспендирана дебатата и соочувањето, а царуваат лажираните вести и нарачаните монодрами. На секое едно исечено дрво во реалноста, се садат минимум 5000 нови на ТВ Сител.

Во тој контекст, Премиерот пред неколку денови преку социјалните мрежи се огласи дека е среќен и дека неговите сонови се остваруваат. Преку неговите игри со бројки лансираше податок дека невработеноста е на историско ниско ниво. Во истиот текст не лансираше податок колку граѓани последните десет години ја напуштија Македонија, колку невработени беа избришани од евиденција и колку едуцирани млади кадри работат како келнери и шанкери за парче леб. Премиерот пасионирано сонувајќи барок најверојатно е пресреќен и од степенот на посадени барокни грдосии. И така, остварувајќи уште еден негов сон ја постави Македонија на уште еден пиедестал во европски рамки, а тоа е лидерството по нивото на загаденост на воздухот. Додека Македонија се гуши од загаденоста на воздухот тој продолжува со масовната сеча на сите витални органи. Нормално, во неговиот “мајбах” свет, народот на избори ќе одлучи дали Македонија, Скопје и останатите наши градови се загадени. Продолжувањето на бесцелното мавање во боксерската вреќа и континуираното избегнување на соочување со неистомислениците во праведен ринг со реални арбитри ја докажува зголемената параноја кај умислените мини-фини боксерчиња. Тие со последни сили ќе се обидат да ја задржат доминацијата во медиумскиот простор и да продолжат со креирањето на паралелна стварност преку нивните апологети. Ќе се обидат на сиромавиот народ да му продаваат ефтини приказни дека сме економски лидери, иселувањето на граѓаните да го претстават како намалување на невработеноста, деградацијата и ерозијата во образовниот систем да ја зашијат со бесплатен превоз за студентите, за задушените интегративни процеси да ги обвинат странските мрачни сили, и енормната загаденост да ја исперат со “денови на дрвото” и наводната грижа за животната средина.

Но, боксерската вреќа пополека издиша, а митовите за чесност се целосно соголени. Сите креирани и убави приказни моментално добиваат нокаут од суровата и тажна реалност. Па така, и секое наредно ударање во вреќата ќе биде само нов, дополнителен удар по нивниот сопствен и бесрамен образ, и дела.

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести