Со учество на повеќе од 500 атлетичари, синоќа на плоштадот „Македонија“ се одржа ноќна атлетска трка „Низ улиците на Скопје“. Трката се одржува по повод 13 Ноември, Денот на ослободување на Скопје. Организатор на трката е Атлетската федерација на Македонија и Сојузот на Средни училишта на Град Скопје, а покровител е Град Скопје. Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски го означи стартот на трката.
Стартот на трката беше на плоштад „Македонија“ пред фонтана „Воин на коњ“, а целта кај Портата Македонија. Патеката беше долга 1.300 метри (трка за ученици-мажи), еден круг 1.300 метри (трка за ученички- женски), еден круг, 2.500 метри (жени), два круга и 4.900 метри (мажи), четири круга.
Во конкуренција ученици-мажи, на целта први стигнаа: Војдан Крстевски од СУГС „Марија Кири-Склодовска“, Стефан Стојановски од СУГС „Кочо Рацин“ и Матео Тренковски од ДУФК „Методија Митевски-Брицо“, додека во конкуренција ученици-жени, најдобрите три беа: Сермендие Љатифова од ДУФК „Методија Митевски-Брицо“, Ребека Влаисављевиќ од СУГС „Орце Николов“ и Вера Урдаревска од ДУФК „Методија Митевски-Брицо“.
На целната рамнина прв од мажите што трчаа четири круга стигна атлетичарот Кокан Ајановски, втор беше Александар Стојановски, а трет Милош Антиќ, додека од женските натпреварувачки кои истрчаа 2.500 метри меѓу трите најдобри се вброија: Росица Костовска, Марија Богдановска и Марија Кузевска. Кузевска беше прогласена и за најмлад учесник во трката, а највозрасен беше Гиго Ивановски.
На прво пласираните, наградите им ги врачија градоначалникот Трајановски и претседателот на Советот на Град Скопје, Ирена Мишева.
Почнувајќи од плоштадот „Македонија“, се трчаше во правец на Триумфалната капија, па со завртување во лево во подземниот премин на ГТЦ. Атлетичарите излегуваа од сутеренот на ГТЦ, свртуваа десно на ул „Филип Втори Македонски“ (поранешна ул. „Војвода Васил Аџаларски“) покрај Градската болница, свртуваа десно и излегуваа на бул „11 Октомври“ кон Собранието на Република Македонија, во правец на ул „Димитрија Чуповски“ и ул „Вељко Влаховиќ“, кај поранешен „Мекдоналдс“. Пред семафорите свртуваа десно во правец на плоштад „Македонија“, кај плоштад „Пела“ под Триумфалната капија каде беше поставена целта.


