Нов масовен протест на грчките полицајци во Атина

Мерки за заштита на работните места, но и да останат вон спортските натпревари бараат, грчките полицајци кои попладнево одржаа нов протест во центарот на Атина и пред грчкиот Парламент, јави дописничката на МИА од Атина.

Протестот беше масовен со учество на полицајци од цела Грција.

Полицајците порачаа дека „овој протест е само почеток“ и ќе бидат на улица колку што ќе биде потребно, но и дека „полицијата не им припаѓа на фудбалските клубови“, туку нивната должност е да го заштитува народот.

На протестот, заедно со полицајците, учествуваа и пожарникарите и припадниците на крајбрежната служба, кои меѓу другото побараа од актуелната Влада да ги исполни своите предизборни ветувања.

Ова е втор протест на полицајците во период од една седмица, а доаѓа откако за време на одбојкарски натпревар беше тешко повреден полицаец, додека пак друг, утрово го загуби животот за време на потера по сомнителен автомобил.

МИА