Објавени добитниците на наградата „13-ти Ноември“ на Сојузот на спортови на Скопје

Управниот одбор на Сојузот на спортови на Скопје денеска ги објави добитниците на наградите „13-ти Ноември“ за 2013 година.

Наградени се Салајдин Зекир од основното училиште „Тефејуз“ од Скопје, за извонредни резултати во училишниот спорт и Марјан Стојановски од средното училиште „Георги Димитров“ од Скопје, за особени заслуги во развојот и унапредувањето на училишниот спорт за средните училишта.

Добитник на оваа награда е спортскиот новинар Горан Милковски од МРТ, за постигнатите резултати во развојот и унапредувањето на спортското новинарство, Руждија Калач, бокс, тренер на БК „Скопје“ и селектор на Репрезентацијата, за Развој и унапредување на боксерскиот спорт во Скопје и Република Македонија за освоено трето место на Медитерански игри.

Наградени се Индира Кастратовиќ, тренер на РК „Вардар“ – жени, за развој и унапредување на женскиот ракомет, за извонреден старт во Лигата на шампионите на Европа, спортистот Филип Миркуловски за високи резултати со ракометната екипа „Металург“, РК „Вардар“ мажи, проф. д-р Александар Туфекчиевски, претседател на Сојузот на училишен спорт на Македонија, проф. д-р Вуица Живковиќ, декан на Факултетот за физичка култура во Скопје, проф. Александар Пујовски, директор на Агенцијата за млади и спорт на Република Македонија.

Тринаесетноемвриска награда ќе добијат ректорот на  Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје проф. д-р Велимир Стојковски, а наградени спортски работници за животно дело се Добре Димовски, фудбалер, тренер и селектор, Димитрија Поповски, најзасужен за развој на пливањето и Андон Дончевски,  прв селектор на македонската фудбалска репрезентација.

Наградите се плакети и дипломи и ќе бидат врачени на свечена седница што ќе се одржи утре во 12 часот во Фудбалската Федерација на Македонија.

Најчитани вести