Во Република Македонија најчесто и главно производство на целерот е производството во бавчи и е наменет за продажба на малите пазари и во супермаркетите. Се продава во зелени вези и се употребува за супи и во друга храна како зачин. Во зимскиот период се сретнува и кореновиот целер кој се употрбува за други намени во исхраната. Во преработувачката индустрија се одгледува поради сушење на листовите.

Тој е најдобро да се одгледува со производство на расад и неговата сеидба е на крајот на мај и почетокот на јуни. Пред сеидбата може да се одгледува на иста површина, како преткултура како некои од озимните или пролетните култури (салати, спанаќ, кромид сребрењак и сл.). Расадот се одгледува во контејнери кои имаат низа предности во современото производство и има потполно правилен и еднаков вегетациски простор што овозможува изедначен пораст на растенијата. Тој се користи како готов супстрат со хранливи елементи и правилен водновоздушен режим, стерилизиран од болести и штетници. При пресадувањето на стално место или во полски услови од контејнери не доживуваат стрес наспроти растенија или расад кој се одгледува во леи. Садниците одгледувани во контејнери доспеваат порано за берба, со поголем принос и квалитет. Контејнерскиот начин на производство на расад е многу важен и е препорачлив кај производството на хибриди бидејќи семенскиот материјал е скап и од секое семе треба да се добие квалитетно растение или расад.

Семето од целер многу тешко набабрува и затоа е препорачливо пред сеидбата да се натопи во млака вода на температура од околу 20°C на дневна светлина.
Растојанието на сеидба е 50 x 20 или 50 x 40. При сеидбата треба да се внимава садницата да дојде на иста длабочина на која била во заштитениот простор. По садењето и формирањето на растенијата може да се изврши мулчирање, на пример, со слама или компост за да се задржи влагата и појавата на плевели. Во текот на вегетацијата, потребно е редовно да се наводнува и прихранува. Прихраната преку листот или фолијарната прихрана во текот на вегетацијата се применува кога ќе се забележи губењето на темнозелената боја.
Пред расадувањето е препорачливо превентивно да се третира со некои од контактните фунгициди, како Ditane M-45, во концентрација од 0,2% или фунгициди на база на бакар како што е Shampion WP, во концентрација од 0,35 % или Kocide DF во концентрација од 0,2%.
Бербата се извршува кога ќе достигне тежина 300-700 грама и треба да се вади кога времето е суво. Приносот се движи од 30 до 50 т/ха. Се сортира на големина 6-9 см, 9-12 см и преку 12 см.


