Откажано денешното рочиште за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски

Одложено судењето за грабнувањата и убиствата на Вања Ѓорчевска од Скопје и Панче Жежовски од Велес, поради отсуство на бранителот на Љупчо Палевски, Јовица Страшевски.  Адвокатот го известил судот дека од здравствени причини не може да присуствува на расправата.

„Непосредно пред отпочнување на денешната расправа бранителот Јовица Страшевски, до судот достави барање за одлагање на расправата бидејќи бил спречен да присуствува на истата заради здравствени причини за што во прилог достава и медицинска документација.“ – Кривичен суд Скопје.

Судијата Ивица Стефановски денеска посочи дека за денешното одлагање судот има разбирање, но во иднина нема да дозволи одлагање затоа што одлагањата од било која причина можат да го успорат процесот, кој веќе е во завршна фаза.

„Ова е прво одлагање и судот има разбирање. Доколку се случи уште еднаш вакво нешто, ќе поставам бранител по службена должност.“ – Ивица Стефановски судија.

Според Бојан Манев, адвокатот на Боре Видевски кој е на обвинителна клупа, предметот треба да се врати во фаза на истрага или да се направи реконструкција со која би се разјасниле многу отворени прашања.

„Првично, мора да се врати затоа што се’ почесто се споменуваат и други лица кои не се ниту обвините, ниту се учесници, ниту се на обвинителна клупа, а во исказите на обвинетите се споменуваат.“ – Бојан Манев адвокат на Боре Видевски.

Следното рочиште е закажано за 23 април, со сведочење на Љупчо Палевски.

Според обвинението Љупчо Палевски, Боре Видевски, Велибор Манев, Влатко Кешишов и Александар Ѓорчевски, се товарат дека заедно испланирале грабнување на 14-годишната Вања со цел да присилат член на нејзиното потесно семејство да даде парични средства за откуп. Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски, беа пријавени за исчезнати на 27 и 24 ноември, а на 3 декември 2023 година безживотните тела беа пронајдени во близина на Скопје и Велес.

извор: 24.mk

Најчитани вести