Научниците откриле први можни знаци на живот на нашата планета, остатоци на бактерии стари речиси 3,5 милијарди години, пренесува „Дејли Телеграф“.
Остатоци од комплексен екосистем на бактерии е откриен во Западна Австралија во регионот на Пилбар, каде се наоѓаат некои од најстарите камени формации.
– Има голем број суштества што живееле пред 3,4 милијарди години, а ова откритие ја поместува таа граница. Постојат тврдења за малку постари траги на живот во карпите на Грендланд, но тие карпи се толку деформирани, па затоа е многу тешко да се каже дали тоа што го гледате навистина постои. Овие бактериски системи во Пилбар може да се видат и на самите карпи и под микроскоп. Може да видите како овие бактерии доаѓале во контакт со седиментите на кои живееле, изјави професор Дејвид Вејс од Универзитетот во Западна Австралија.
Според него повеќе не е можно да се видат индивидуални бактерии, туку стуктури кои тие ги формирале.
– Можеме да видиме бразди и траги, а кога ќе се погледне под микроскоп може да се видат влакна испреплетени во песок. Исто така, се гледаат и органски материјали кои претставуваат микроби, но толку разложени што повеќе не може да се одделат ќелии, туку само материјали богати со јаглерод, нагласува Вејс.
Според научниците ова откритие може да помогне во потрагата по живот на другите планети.


