Глобалните берзански индекси ја завршија неделата во плус, додека цените на нафтата бележат пад поради зголемен оптимизам кај инвеститорите дека може да дојде до напредок во преговорите меѓу САД и Иран и намалување на геополитичките тензии.
На Волстрит, индустрискиот индекс Дау Џонс порасна за 2,1% и достигна рекордно ниво од 50.579 поени. Индексот S&P 500 се зголеми за 0,9% на 7.473 поени, додека Насдак забележа раст од 0,5% и се искачи на 26.343 поени. Расположението на пазарите е подобрено поради вестите за можен напредок во разговорите меѓу Вашингтон и Техеран, кои се однесуваат на завршување на конфликтите и намалување на тензиите.
Преговори меѓу САД и Иран
Американскиот државен секретар Марко Рубио изјави дека е постигнат одреден напредок во преговорите со Иран и дека во наредните денови може да следуваат нови соопштенија. Иако од иранското Министерство за надворешни работи наведуваат дека сè уште постојат значајни разлики меѓу страните, инвеститорите реагираат оптимистички.
Главна причина за пазарниот оптимизам е очекувањето дека Хормушкиот теснец, клучна рута за глобален транспорт на нафта, би можел повторно целосно да биде отворен.
Како резултат на тоа, цените на нафтата бележат пад од над 5% во Лондон и повеќе од 8% на американскиот пазар.
Падот на цените на нафтата ги намали стравувањата од раст на инфлацијата и забавување на глобалната економија. Дополнителен оптимизам на пазарите доаѓа од развојот на секторот на вештачка интелигенција, кој придонесува за раст на технолошките акции и останува еден од клучните двигатели на глобалниот пазарен раст.
Извор – ТРН


