Патриотскиот фазан преполн со мртви метафори

Никола Груевски е Македонец  и’  човек на „македонскиот род“, се докопа до власт и се’ уште, после се’ што направи, се обидува како „пијан за плот“  да произведува „мега-интервјуа“,  обземен од  делузии на величина и (лажно!) практицирање на цезаристички амбиции, а не гледа дека пред носот му се случува „шарена“, општонародна револуција

И покрај „немилите“ настани, нашиот семакедонски патриотски президент – Никола лично – си нарачал „мега интервју“, па почнува да се мачи, да објаснува, одзема и вади кој тоа го урнисува македонскиот систем, пардон, македонскиот „колективен идентитет“. Горделиво, како што му приличи на еден президент на една земја која потполно ја осиромаши и претвори во гнасна, цивилизациски урнисана паланка. Здраво Никола се обидува (што би рекле во Кавадарци – „се курдисуе“) и  спрема нешто да започне. Како и неговите груевисти, Никола има прилично исчашени перцепции за неговите цели и амбиции; претпоставувам дека се работи за независна Македонија, а откако ќе се протераат сите соросоиди, невладини, граѓани и индивидуи, па да зачекори „Миле наш“, сиц!, Никола наш во мирни води со мајчица Русија. И Никола – како и неговите груевистички фиќфириќи – цврсто уверен како политичките  (па и геополитичките) науми најефикасно се постигнуваат правејќи пиздарии. Така тоа бива кај патриотите; во суштина ориентална структура која бедните груевисти му дадоа – а како гледам и во своите малоумни робовски умови –  се’ уште му даваат апсолутна моќ, па груевистичките фиќфириќи неговата моќ и’ ја припишуваат на државата (што е комплетно лудачка терминологија) во која произволно господарат. Нивното самоволие совршено функционира во нивниот домен и систем низ кои оперираат, па порано или подоцна, кога доволно ќе им влезе вода во уши, своето самоволие ќе го апсолутизираат  обидувајќи се – сосема безопасно! – да укинуваат невладини организации, граѓански здруженија, да заплашуваат индивидуи.

Груевски е Македонец  и’  човек на „македонскиот род“, се докопа до власт и се’ уште, после се’ што направи, се обидува како „пијан за плот“  да произведува „мега-интервјуа“,  обземен од  делузии на величина и (лажно!) практицирање на цезаристички амбиции, а не гледа дека пред носот му се случува „шарена“, општонародна револуција

Добро е што Европа е тука, некогаш благо, а некогаш јасно sвекнува шамарчини, само како би се вразумиле македонските мегаломани. Дури и кога не се „ратоборни“, патриотските власти не успеваат да се ослободат од две работи: опсесивниот ум и мегаломанијата, како и пустата желба Македонија да се придвижи во рангот на рамноправните чинители на Европската и светската политика.  Еве, да решиме едно хипотетичко прашање. Утре доаѓа Путин во Македонија. Ќе го дочекаат патриотите, оркестрирано,  со илјадници труби рускиот цар. Ќе падне и некоја солза радосница, со леб и сол, кој ќе знае со што се’ ќе го дочекаат. Путин, разбирливо, ќе биде љубезен; ќе пушти некоја пара, ќе затркала нешто за братство, пријателство, словенство. Патриотите на тоа ќе замолкнат затоа што верувам дека и самите знаат како  Антиката е чиста заебанција и менажерија создадена за перење на пари. Потоа, за час, патриотите ќе ја почувствуваат силата на мајчица Русија како своја. Е, сега, кажете ми: вреди ли човек да ги предупредува дека Македонија има дваесет пати помалку жители од Москва, многу помалку војска, пари, залихи итн. Вреди ли да им кажува човек на патриотите дека тука стратешко партенерство не може да има? Вреди ли да им кажува човек дека – одржување на добри односи со велесилите е подобро и поисплатливо со Данска, Холандија, Чешка? Чисто се сомневам.

ПАТРИОТИЗАМ – ТОА СУМ ЈАС

Груевски, како што самиот призна во интервјуто, „тој слушнал“ за Сорос  и „секташките“ тренинзи; човекот слуша информатори, чаршиски сплеткари, не може да знае што Соросоидите прават бидејќи некој му поткажува. Да му „поткажеме“ на Груевски дека службите како војска и полиција, во саглам уредени држава треба да се комплетно аполитични. Што значи дека со декрет им се забранува партиски ангажман. И тука нема никаква дискриминација во таквата забрана. Ако ја пуштиш војската и полицијата во партиски ангажман – неизбежно се создава партикуларизам. Партикуларизамот, пак, неминовно произведува корупција. А здружениот партикуларизам (и несанкционираната) корупција ја подрива и слабее државата. Знае за ова „нашиот“  Никола, поточно – не може да знае – туку чувствува за тоа нашиот „државотворец“ и затоа непрестано не психотизира со безвезни интервјуа на кои докажува дека и’ после десет години власт, се’ уште не му е јасно што државата треба да биде. Од друга страна, партијата како семоќен sвер непрестано репродуцира стагнација и општествена инерција, затоа што во таков монструозен систем, државата е претворена во привид. Ако мисли Груевски дека неговата партија е држава, тогаш треба да одговори во „третиот porn дел“ од мега-гига-интервјуто: зошто државата,  која е окупирана од неговатаа партија  и која ги окупира институциите, му нема  никаква смисла и не е исполнете со никаква содржина? Дали можеби пак, се работи за привид дека државата Македонија постои?

СЈО ВО ЛАВИРИНТОТ НА ПАТРИОТСКАТА ПОЛИТИКА

ВМРО-ДПМНЕ  потврдува, лажно, се разбира,  дека тоа е семоќна партија која основната причина за нејзиното постоење е беззаконие. Ако Македонија навистина профункционира како правна држава – што значи СЈО да продолжи непречено да работи – Груевци реално, треба да добијат илјада години затворска казна. Дури, по паѓањето од власт, новата влада ќе мора да го расчисти прашањето со пљачката и криминалот на претходната гарнитура. Не од алтруизам, туку заради „чиста сметка, долга љубов“. Баш така функционира политичкиот систем во Македонија. Затвореноста на таквиот систем, неговата наопачка  функционалност, непрозирност, на „државнкот“  Груевски засега му гарантира долговечност. За жал, не и долговечност и функционалност на државата Македонија и граѓаните кои се надвор од системот. Се’ е поставено на газ-глава. Наместо да биде чувар на законитоста и борец против корупцијата, нашиот (пара)државен апарат е директен генератор на беззаконие.

ГРУЕВСКИ И НЕГОВИОТ СПАС

Пред Груевски, газдата на Македонија, се отвараат неколку патчиња. Првиот пат е тоа што му се роди, заради преголемата популистичка кампањска агресија, Шарената револуција која ќе го докрајчи. Како ќе се спаси? 1. Мора да организира тениски турнир. 2. Да се обиде да ја удостои Македонија со Универзијада. 3. Да викне: името не го даваме! 4. Да заурла силно: Македонија на македонците! 5. Да ги повика руските космонаути кои од некој Сојуз или Спутник ќе завиваат непрестано: смирете се, бре, македонци, луѓе сме, браќа, Русија е со вас…

Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист

 

Најнови вести

Најново од Ракурс