Пет главни мерки за подобрување на состојбата во македонскиот аграр

Имајќи го предвид  долгогодишното следење на состојбите во оваа област, особено теренската работа која овозможува најдиректно запознавање со проблемите на кои наидуваат земјоделците во текот на производството, се наметнуваат неколку мерки како најважни со кои ќе им се помогне на производителите , ќе се спречи негативниот тренд во македонскиот аграр и ќе се овозможи услови за  развој на оваа стопанска гранка која опфаќа најмалку 200 000 земјоделски семејства.

1.ЗЕМЈОДЕЛСКИ СУБВЕНЦИИ кои производителите ќе ги добиваат навреме тогаш кога им се најпотребни:

-сточарите во јуни, веднаш после жетва за да може да си купат поефтина добиточна храна

-поледелците во септември, пред сеидба за да можат да набават репроматеријали

-лозарите во февруари пред новата сезона

-градинарите во март

-тутунопроизводителите веднаш после предавањето на тутунот.

2. ЗЕЛЕНА НАФТА или 50% поефтина нафта за земјоделските производители.
Тоа значи дека државата треба да се откаже од акцизата и ДДВ кои се 50% од цената на нафтата, што на годишно ниво е околу 7 милиони евра. Толку пари годишно по овој основ влегуваат во буџетот, од потрошеното гориво во агросекторот.

Овде како подмерка треба да се овозможи и 30% поефтино семе, ѓубриво и заштитни средства. Со намалување на цената на репроматеријалите се намалува производната цена на земјоделските производи. Тогаш цената која им ја нудат трговците или откупувачите за пченицата, грозјето, праските или доматите ќе им се исплати на земјоделците и нема да работат со загуби.

3.Помош околу ПЛАСМАНОТ преку гарантирани откупни цени за стратешките земјоделски производи и засилена контрола од страна на земјоделскиот инспекторат за да не ги уценуваат откупувачите и трговците и да се почитува договорот за откуп.

Државата да изнајде механизми  трговците и откупувачите да ги исплатат сите заостанати долгови кон земјоделците.

Исто така многу важна постоечка мерка согласно Законот за земјоделство и рурален развој, интервентениот откуп треба да се применува за регулирање на пазарот.

4.РЕВИЗИЈА НА ПРЕРАСПРЕДЕЛБАТА НА ДРЖАВНАТА ЗЕМЈОДЕЛСКА земја и враќање во рацете на вистинските земјоделци.

На овој начин ќе се спречи земјоделците да земаат под наем државна земја од луѓе блиски на власта кои добиваат огромни површини само за субвенции, а не ги обработуваат. Исто така ќе се создаде можност за обработување на земјата која сега е напуштена. На ниво на држава  200 000 ха секоја година остануваа необработени.
Земјата која е со слаб квалитет треба да се доделува бесплатно на земјоделците, само да се обработува и да се зголемува домашното производство на храна.

5. Инвестиции во НАВОДНУВАЊЕ.

Годишно по 10  милиони евра од предвидените субвенции да се насочат за оваа намена. Ова е од најголема важност за сите земјоделски производители, дали преку реконструкција на постоечките системи или директни субвенции од 30% за копање на артерски бунари, онаму каде што има можност за тоа.

Ова се петте клучни мерки со кои ќе можат земјоделците да застанат на нозе, а државата ќе има основа за долгорочна стратегија за реформа во аграрот.

Ленче Николовска

 

Најнови вести

Најново од Агро Бриф, Ударни вести

Најчитани вести