Писмо до Дедо Мраз: Ти си ми нешто како инвестициите во мојата земја

Драг Дедо Мраз,

Знам дека не постоиш, но немав на кој друг да му се обратам. Затоа ти го пишувам ова писмо.

Ти си ми нешто како инвестициите во мојата земја. Владата цело време зборува за нив и ги рекламира, но нив никаде ги нема. Ама што ќе ти објаснувам тебе, ти на своја кожа си почувствувал најдобро како изгледа тоа. Сите ги знаеме рекламите што ти ги прави „Кока-Кола“. Тие па, цел свет го лажат. Ќе напнат месец дена, Дедо Мраз па Дедо Мраз, ќе дојде Нова година и оп брада – никаде те нема. Овде барем, нè лажат само нас, внатре. Не дека надвор не се обидуваат, ама таму има и помангупи од нив, па не им врви приказната. ОК, види, има и кај нас некои луѓе кои не им веруваат баш, ама и за нив најдоа чаре. Да видиш колку е инвентивна во тој поглед нашата Влада, да се наежиш, страв да те фати.

Сите зборуваат за тебе колку си добар и како на сите им носиш подароци. На почетокот така збореа и за Владата во мојата земја. Имаше некоја еуфорија, демек еве дојдоа млади и паметни деца што ќе ја оправат работата. Но сепак, еуфоријата брзо спласна. Од млади и паметни останаа само неизживеани деца. По извесно време се појавија некои луѓе на кои почна да не им се допаѓа начинот на кои работи Владата. Некои од нив за тоа говореа јавно, некои пишуваа, некои протестираа. Некои од нив завршија во затвор, некои останаа без работа, а дури имаше и такви кои го загубија животот. И како поминуваше времето, по кафучињата, кафeаните, автобусите, клупите и во повеќето јавни места престана да се збори за Владата. Некој чуден, хистеричен страв ги фати луѓето. Беа уплашени. Од оние кои се најповикани да ги штитат, од тие најмногу се плашеа, дури ни името не им го изговараа. Имаше и една телевизија. Беше најгледана, најмодерна. Таа го пробиваше сивилото во мизерната телевизиска понуда додека другите бледо се обидуваа да копираат. Ама нешто ги затворија, не знам што беше точно работата, мислам дека проблем беше информативната програма. Овие од власта не би се согласиле со мене, сигурно.

Знам дека не е многу веројано дека ќе дојдеш кај нас за Нова година. Те разбирам. Ти преферираш да одиш во богати, развиени земји, каде родителите за своите деца можат да издвојат поголема сума на пари за подароци. Тоа тебе ти одговара бидејќи така ќе можеш повеќе да се перчиш и да ги лажеш децата дека ти си им ги донел скапите подароци. А и не мора да се скапи, битно да ги има. Те разбирам, секој гледа полесно да помине, но кај нас тоа е малку потешко. Тешко се врзува крај со крај. Луѓето имаат проблем со тоа што да стават на трпеза, а не за поклони да размислуваат. Добро, не се сите така утепани, има и такви кои можат да им парираат на родителите од богатите земји. Но верувај ми, тие се малку, многу малку луѓе, одбрана фамилија. Во последно време посакуваме само некои елементарни, основни работи како слобода, демократија… Можеби ти е смешно што ти го пишувам ова во 2014 година, ама тоа е. Знам дека ти не се занимаваш со такви работи, џабе да не те „замарам„ со „глупости“. Иако немаме нешто многу пари за поклони, може да поминеш оваа година. Барем малце да проветрее некоја позитивна енергија. Знаеш, тука луѓето се уморни, тажни, уплашени. И тоа малку провев, нив многу ќе им значи. Барем за момент да им ја вратиш надежта, затоа што најлошо е кога гледаш дека луѓето истата ја изгубиле.

Ако случајно решиш да доаѓаш наваму, те молам внимавај како возиш. Тука казните се многу високи, а „полицијата работи согласно уставот и законите“. Не дека ѝ требаат пари на државата па собира немилосрдно арач, па затоа сме издишани како новогодишен балон во февруари, ама разбери, едноставно не може да се стигне со сите кредити и задолжувања по светот. Затоа те молам пази да не те казнат, нема да можеш да ги платиш високите казни, па ќе мора извршител да ти ги конфискува подароците, а можеби и ирвасите, па ќе си одиш дома пеш. И што сме направиле, потоа џабе си доаѓал. Ќе треба да одиш кај луѓето со празни раце, а така не бидува.
Внимавај и каде паркираш. Тука катните гаражи стануваат трговски центри, па малку е кнап низ град за паркирање. Многу пајаци хараат низ град. Само чекаат жртва. Кога ќе те видат тебе ќе им светнат очињата. Одма ќе удрат есап, 8 ирваси по 2.500 денари… Пари се тоа бре ало! Затоа ти предлагам превентивно да не доаѓаш со ирвасите. Батали, ќе те одерат. Башка ќе им се видат интересни, па ќе почнат да прават нови споменици на ирваси. На пример твој споменик, Дедо Мраз на ирвас! Бегај, уште тоа ни фали!

Види, можеби ќе бидат малку понаклонети кон тебе, затоа што сепак ти си облечен во црвено. Мераклии се они на таа боја. Додуша нешто си подигруваа и со портокаловото во последниве години, ама сепак си ја почитуваат основата. Кога ќе пристигнеш ќе ти организираме цела програма. Во државава има протокол, не може туку така да дојдеш. Прво поминуваш низ трумфална, каде ќе те пречекаат традиционално со пита со праз, лутеница и макало, нормално и задолжителната лута ракија, за да го почувствуваш вкусот на триумфот на оваа држава. Победивме бе брат, први сме во светот, највеќе во негативните категории. Ама битно први, така?! Откако ќе завршиш со обиколка на споменици по плоштадот, ќе мораш да дадеш „спонтана изјава“ дека сето тоа изгледа прекрасно и дека си воодушевен. Немој случајно да си критикувал нешто, не можам да гарантирам дека нешто непредвидено нема да ти се случи… И нормално како што е редот после имаш состанок и фотосесија со најглавниот, со пастирот. Ќе те прими, немај гајле. Можеби малку ќе го почекаш, едно 45 минути до час и половина, ама ќе се навикнеш, ние се навикнавме. Откако ќе те прими ќе „попиете“ едно преродбеничко кафе без локум, оти локумот е за „комуњарите“. И нормално после следи уште еден прес, онака опуштен, баш лабаво. А тука наместо твоите ирваси, наредени пред камера сите министри дотерани како селско дете за во црква. Тука пуштате по некоја изјава дека многу се сакате со Владата и дека таа е заслужна што си дошол. Е откога ќе завршиш сè тоа, можеш да си тераш по работата за која си дојден.

Само внимавај каде делиш поклони. Тоа кај нас е многу битно, не може туку така. Ќе ти дадеме список на приоритетни деца. Прво ќе мора да ги поминеш најзначајните комитети. Гледај да не ги заборавиш и уредниците по телевизиите, они па ептен сакаат подароци, дури повеќе и од децата. Јас не го знам точно распоредот, ама не се секирај, доколку не ти го достават во Владата, ќе ти го дадат уредниците. Они сигурно го имаат. И немој случајно да си одел кај овие од опозицијата за да не мора потоа експресно да те лустритаат. Ќе ти извадат нешто дека си соработувал со Тито додека си делел поклони во Југославија, а те плаќал Рузвелт. Одма ти отвараат досие со кодно име Рудолф или нешто слично.

Кога сме кај списокот морам да ти посочам дека во последно време имаме и едни нови опозиционери. Ама они и не се така лоши за власта, па можеби ќе те остават да им поделиш по некој подарок. Тоа ти е некој чуден збир ама „позитивен“. Дуо трио фантастико. Немаа проблем со тоа да ја шират нивната „позитивна“ енергија по нашиве „независни“ медиуми во шаренолики емисии. Абе мераци. Има и еден ептен „храбар“ лик од моето маало, нему ќе те замолам да му однесеш еден посебен поклон. Потруди се да е поголем терариум, поготово препорачлив за видот „bradypodion pumilum“, пошто кај нас е таква климата.

И за крај само уште една напомена. Ако случајно решиш да доаѓаш порано, поради комплицираниот протокол што ти го образложив, гледај тоа да не биде околу 24-ти декември. На тој датум одбележуваме една година од кога ни ги исфрлија пратениците и новинарите од Собрание. Да бе, онака скроз демократски, на клоци. Па имаше протести, контра протести, полиција, па некој пендрак…чуда! Мислам дека во таа чест се очекува да биде поставен и соодветен споменик „пендрек на коњ“ MADE IN ITALY. Знаеш малце се измешани емоциите околу тој настан во државава, ама некако го спакуваа, се договорија. За некого победа, за некого палома марамица. Има и такви кои не го заборавија. Сеуште со студ во коските се сеќаваат на тие ладни декемвриски денови поминати по улиците покрај Ладата. И јас завршив на неа. Абе отпораши ги викаа тие, сега ми текна. Тогаш сите бевме отпораши. Или не бевме?! Ќе покаже времето. Не е битно сега, што да ти објаснувам… подобро почекај да помине тој датум. Да не комплицираме без потреба.

Е сега, бидејќи јас сум добар домаќин кој се обидува да те подготви за твоето евентуално доаѓање во мојата земја, ќе ми дозволиш и јас да си ги кажам моите лични желби.

Уште одма да ти кажам дека оваа година Арсенал мора да освои некоја титула. Веќе 7-8 години се „тапа џонсон“. Остај тоа, многу лошо ми се поклопува приказнава некако. Испаѓа дека колку години Арсенал нема титула, толку години владеат овие што ти ги објаснував во текстов. Језива работа. Па дај боже да скршиме малер следната година, Арсенал да освои титула па да повлече нога и за промени во мојата земја.

Навистина изминатата година беше многу тешка за нас. Репресијата се засили и комплетно го изедовме мракот, или тој нè изеде нас. Истите маки ги тргаме веќе… мачно ми е да кажам колку многу години. И секој си тера по свое. Но, мене највеќе ме плаши нешто друго, ме плаши апатијата. Луѓето веќе кренаа раце. Ретко кој верува дека нешто може да се смени. Сè повеќе рамнодушни, незаинтересирани. Едноставно уморни. Од тебе барам само едно нешто. Врати им ја одважноста на луѓето, храброста, гордоста. Исправи им ги кичмите на свитканите. Дај им сила да се изборат за нешто подобро. Повторно да веруваат дека ова што ни се случува е само лоша епизода, дека ништо не е предодредено така да биде, дека сè зависи само од нас. И сега ја прекардашив, нели? Знам дека многу барам од тебе. Всушност тоа што го барам никој не може да ни го донесе. За тоа ќе треба сами да се избориме.

Гарант ќе се видиме, те поздравувам со познат скопски диско муабет „ѕвони, за кафе да праиме обавезно!“

Среќни празници!
Поздрав,

uros

Најнови вести

Најново од Ракурс, Топ Вести

Најчитани вести