На четирите натпревари одиграни ноќеска во НБА лигата по две победи постигнаа домашните екипи и две гостите.
Оклахома Сити пред своите навивачи по продолжение славеше над Вашингтон со 106:105. Кевин Дурант уфрли 33 поени со 13 скокови, а неговата екипа се врати од негатива од 12 поена во последната четвртина.
Победа дома постигна и Феникс против Њу Орлаеанс 101:94.
Убедливи на гостувањето беа кошаркарите на Сан Антонио, кои по ланските два пораза од Њујорк истиот ривал го победија на негов терен со 120:89, а Дени Грин со 24 поени беше најефикасен.
Пораз пред своите навивачи претрпеа и кошаркарите на Лос Анџелес Лејкерс од Минесота – 90:113.
Вечерва се играат девет натпревари, а Атланта на нашиот Перо Антиќ гостува кај Шарлот.
На другите натпревари двојките се: Индијана – Мемфис, Филаделфија – Сан Антонио, Бостон – Орландо, Чикаго – Кливленд, Хјустон – Торонто, Јута – Денвер, Портланд – Детроит и ЛА Клиперс – Минесота.


