Денеска почина 29-годишниот Александар Гавриловски кој се лекуваше во Литванија. Со ова, бројот на жртви од пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ се зголеми на 61.
„Во 11 часот почина и вториот пациент кој престојуваше во Литванија. Станува збор за Александар Гавриловски, кој имаше 29 години. Беше од Градската општа болница упатен во Литванија. Неговата состојба беше тешка од почеток, а од 4 април се влоши повеќе, а од вчера беше ставен на хемодијализа. Ова ни е втор пациент кој почина, од 193 кои ги третиравме. Имаме уште двајца критични пациенти“, рече министерот за здравство Арбен Таравари.
Таравари информираше дека починатиот Александар имал 35% изгореници на телото од трет степен, како и на дишните патишта.


