Рускиот тренер во борење, Вадим Горбенко, почина по носењето на олимпискиот оган за Зимските олимписки игри во Сочи 2014 година.
Седумесет и тригодишниот Горбенко, го презеде факелот во родниот Курган во западниот дел на Сибир, но по само 150 метри му се слошило.
Портпаролот на Игрите во Сочи, Роман Осин рече дека Горбенко доживеал срцев удар.
– Тој се врати на збирното место по што се пожали дека не му е добро. Веднаш беше префрлен во локалната болница, но докторите не можеа ништо да сторат. Изразувам длабоко сочувство на неговото семејство, изјави Осин.
Инаку, ова не е прв инцидент со факел за Зимските олимписки игри во Сочи. Неодамна поранешниот член на боб тимот на Русија, Пјотро Макарчук, искра од факелот му го запали левиот ракав, а пред тоа црвено-сивиот факел, кој симболизира оган и мраз, експлодираше во раката на млада жена која претрпе и помали повреди.
Зимските олимписки игри во Сочи ќе се одржат од 7 до 23 февруари 2014 година.


