Со симболично откинување на првото јаболко во рамките на манифестацијата „Преспански јаболкобер“ денеска официјално почна годинашната берба на преспанското јаболко.
Бербата почнува традиционално на големиот христијански празник Крстовден, а бериќетен род на ресенчани им посакаа заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Ванчо Костадиновски, градоначалникот на Ресен Ѓоко Стрезовски и претставникот на ОН и УНДП во Македонија Луиза Винтон.
– Владата и кога е тешко и во нормални услови обезбедува средства и е секогаш рамо до рамо со производителите од овој крај и тоа впрочем го знаат ресенчани, бидејќи лани се случи временска непогода градот оштети голем дел од површините на производителите на јаболка. Бевме тука, ја видовме маката на ресенчани и солзите во нивните очи и како Влада одлучивме да помогнеме да ги обесштетиме оние што беа погодени од невремето. Обезбедивме средства во износ од два милиони евра и ги обесштетивме ресенчани – изјави Костадиновски.
Преспанското јаболко, како што заклучи амбасадорката на ОН во Македонија, Винтон претставува успешен бренд за регионот. Потсети на реализираните проекти преку програмата на УНДП во Преспанскиот регион посочувајќи на бенефитите од еколошкото производство и заштитата на животната средина.
– Работејќи заедно со општината изминатите години покажавме дека приходите може да се зголемуваат, а истовремено да се штити животната средина и езерото. Она што го гледаме денеска во Преспа е доказ дека може да се воспостави баланс меѓу човекот и природата и примерот ќе го споделуваме преку УНДП низ целиот свет – рече Винтон.


