Под мотото „Собрание за граѓаните, отворено и одговорно“, од Општина Ресен почнува Парламентарниот карван

Под мотото „Собрание за граѓаните, отворено и одговорно“, Парламентарниот карван од денеска ќе обиколи повеќе општини низ државата.  Прва дестинација на карванот е Општина Ресен, каде што ќе се организираат повеќе активности за комуникација на граѓани со пратеници, во присуство и на претставници на Службата на Собранието, на канцелариите за контакт со граѓаните, општините, локални јавни установи, образовни институции, локални граѓански организации, како и домашни и меѓународни организации, кои помагаат во спроведување на настанот.

Собранието и годинава организира Парламентарен карван – манифестација која, како што информираат од собраниската прес-служба, има цел да ја приближи законодавната власт до граѓаните и да овозможи поголема вклученост на јавноста во демократската дебата и во подготовката на законски решенија кои ќе го подобрат животот.

Во периодот до средината на јуни, карванот за 2025 година ќе ги посети и Крушево, Кратово, Крива Паланка, Валандово, Неготино, Тетово, Кичево и Куманово, како општини што не беа посетени за време на претходниот Парламентарен карван во 2023 година. Завршната манифистација, пак, и годинава е предвидено да се одржи во Скопје – во околината на Собранието на Република Северна Македонија.

Од собраниската прес-служба посочуваат дека преку разни активности во централните места во градовите и општините ќе се испратат клучните порака на манифестацијата „Собранието за граѓаните“ и „Отворено и одговорно“, а со цел да се подвлече дека законодавниот дом е одговорен како институција пред граѓаните.

Парламентарниот карван ќе обезбеди присуство на пратениците во општините или во изборните единици од каде што се избрани. Тоа е можност, како што се наведува во соопштението, пратениците да ги слушнат впечатоците на граѓаните за работата на Собранието и да се запознаат со проблемите кои бараат законодавна иницијатива.

Оваа активност на Собранието е во рамки на Програмата за парламентарна поддршка (ПСП) за 2025 година, финансиски поддржана од Швајцарската Конфедерација, а спроведувана во соработка со НДИ, ЦУП и ИДСЦС.

МИА

Најнови вести

Најново од Македонија

Најчитани вести