Пријателе, не заборавај…

Додека од една страна плејада од апологети, поданици, релативизатори, спинери и надрилекари беа ангажирани во одбраната и оддржувањето на структурите на власт и за тоа беа дебело наградени, од друга страна огромен број на граѓани под превезот на привидната сигурност и лажната надеж, и покрај тешките животни услови и најразлични условувања од страна на режимот неуморно се ставија во негова служба немо посматрајќи ги општата стопанска и општествена стагнација, и сите финансиски реперкусии и неправди направени врз нив и нивните сограѓани.

Сосем легитимно е да го поддржуваш груевизмот поради свои сопствени идеолошки или опортунистички убедувања. Разбирливо е доколку сакаш да се претставиш и како аполитичен, па велиш дека политиката не те интересира. Неразбирливо е само како си горд на тоа. Оправдано е да мислиш дека сите се исти, иако со тој став само ја оддржуваш неправедната структура на власт и априори ги исклучуваш сите други кои можеби навистина би можеле поинаку и подобро. Не е непознато и доколку релативизираш и спинуваш. Но, пријателе не заборавај:

Дека си можел, а не си реагирал. Дека полтронски и свесно си молчел на сите нанесени неправди, незаконски дејанија и видлив криминал. Си молчел додека постепено се демонтираа демократските процеси и се задушуваа граѓанските слободи. Си молчел за Тамара, за Скопје 2014, за Мартин Нешковски, за узурпирањето на институциите, за уништените бизниси и кариери, за уназадувањето на стопанството и општеството, за забавените интегративни процеси, за тортурата врз оние кои што не размислуваат исто како лидерот, за милионските провизии, за политичките затвореници, за Кежаровски. Си молчел за нарушената приватност на многу граѓани. Си молчел за многу работи. Тоа што не си бил засегнат лично и директно, не значи дека не би требало да реагираш и да се солидаризираш.

Не заборавај дека додека твоите другари се иселуваа од државата (иако не сакаа), ти само навидум ги бранеше националните интереси на татковината и нејзиното име. Само циркузантски глумеше “велики патриота”. Го штитеше националниот интерес, вредности и јазик егзалтирано гледајќи “Велики Брат”, “Звезде Гранда”, “Породичне тајне” и мал милион други турски сапуници. Го занемаруваше тоа што твоите блиски познаници ја напуштаат својата татковина, што многумина македонски граѓани добија бугарски пасоши и што наменски ти сервираа нискоквалитетен програм на друг јазик и информативни програми за челичење на диктатурата преку националните телевизии. Апсурдно, но на твоите другари се трудеше да им ги олесниш носталгијата и мачнините по скајп со беседите дека овде се потешко се врзува крај со крај, дека станува неподносливо, и им даваше совети да останат во странство, а тоа не е баш најпатриотски, нели?! Е мој пријателе, вистински патриот си кога во својата татковина ќе се бориш за своите права и слободи, кога ќе се бориш за правата и слободите на твоите сограѓани, кога со твоите сограѓани заедно ќе егзистирате овде, кога заедно ќе креирате позитивна синергија, благосостојба и иднина, и кога ќе успееш да ги негуваш и заштитиш сопствениот јазик, култура и вредности, а не обратно!

Не заборавај дека ти беше сеедно за тоа како се трошат јавните финансии наплатени од тебе и твоите сограѓани. Околу тебе секој ден никнуваа стотици необични и непотребни палми, споменици, галии, панорамски тркала и останати надреални чуда, а ти повторно молчеше. Оние похрабрите од тебе на моменти дури и не убедуваа во нивната оправданост и туристичкиот бум кој ни претстои во наредните години. Додека од државниот буџет немаше средства за најмладите, студентите, претприемачите, научниците, иноваторите, уметниците и болните, а имаше за ступидни импровизации – ти лукаво, правејќи се “на Тошо” говореше за судбината на Фатмаѓул и за ланскиот снег, и ги заобиколуваше реалните проблеми со кои се соочуваа твоите сограѓани.

Не заборавај и дека додека јавната администрација се полнеше како плажа на Халкидики за интересите на груевизмот, и додека без критериуми партиските хедлајнери добиваа магични дипломи и сертификати, и стануваа просветни работници и инспектори, ти повторно и повторно молчеше. И бледо им се смешкаше надевајќи се дека нема да затропаат на твојата врата за да побараат арач и од тебе. На останатите кои се бунтуваа им се исмеваше и ги претставуваше како ефтина бижутерија на опозицијата или на Сорос. Ги правеше предавници. Им се исмеваше на оние кои во турбулентни и режимски времиња се одважија да го кренат гласот против неправдите, против криминалот, против аматерските реформи во образованието и здравството, против оние кои трошеа за чоколади додека ти немаше за леб. Им се исмеваше на оние кои се бореа против укинувањето на ефтината тарифа и повисоките цени на струјата и останатите животни трошоци. Не ги есапеше ниту земјоделците и нивните барања, не ги есапеше ниту најмалку стечајците, студентите и маргинализираните заедници.

Додека бунтовниците страдаа директно, ти латентно страдаше! Само си замислуваше и халуцинираше дека нешто добиваш. Пријателе, не заборавај дека тоа што тврдиш дека си аполитичен воопшто не те прави независен од политиката, а уште помалку те прави фраер каков што сакаш да се претставиш. Баш напротив, те прави само неодговорен, несовесен и уште позависен граѓанин. Бидејќи како што рекол Бертолт Брехт: “Најлоша од сите видови на неписменост е политичката неписменост. Политички неписмената личност не слуша, не зборува ниту пак учествува во политички случувања и настани. Таа не знае дека трошоците за живот, цените на гравот, рибата, брашното, киријата, чевлите, лековите и другите намирници и ресурси зависат од политичките одлуки. Политички неписмената личност е толку глупава што е горда и се удира во гради говорејќи дека мрази политика. Таа личност не знае дека од неговото политичко незнаење се раѓаат проституцијата, напуштените деца и најлошите од сите криминалци – лошите политичари, корумпирани и поткупени од страна на локалните и мултинационалните компании”.

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести