Екипата на Работнички е последната која обезбеди пласман помеѓу четирите најдобри во фудбалскиот Куп на Македонија. Попладнево на Национална Арена „Филип Втори“ во Скопје „романтичарите“ со 2:0 го совладаа Пелистер, доволно за анулирање на предноста на битолчани од првиот натпревар на кој победија минимално со 1:0. Стрелци на головите беа Демир Имери во 77.минута и Крсте Велковски девет минути подоцна.
Претходно учество во полуфиналето од ова натпреварување обезбедија Металург, Брегалница и бранителот на трофејот второлигашот Тетекс. Следната фаза во Куп натпреварувањето ќе се игра во пролетниот дел од сезонава.


