Радовишанка си ги оставила двете близначиња во породилиштето оти немала пари да ги одгледа

Триесетгодишна мајка од Радовиш пред неколку дена на одделот за гинекологија при штипскиот Клинички центар на свет донела две братчиња-близначиња. Но, поради проблематичната финансиска состојба во која се наоѓала мајката, таа ги оставила новороденчињата и си заминала дома.

Бидејќи мајката по породувањето најавила дека ќе ги остави бебињата, болничките власти се обиделе да разговараат со радовишанката, да ја предомислат да не се откажува од двете бебиња. Таа останала на својот став, а откако си заминала во родниот Радовиш, раководството на болницата немало друг избор, освен да ги извести колегите од Домот за доенчиња и мали деца во Битола дека треба да се згрижат двете бебиња.

Од штипската болница велат дека мајката усно се откажала од двете бебиња и, бидејќи таа е родум од Радовиш, за случајот е надлежен токму тамошниот Центарот за социјални работи.

– Бебињата пред да бидат пренесени во Битола беа во дробра здравствена состојба. Како што ни кажуваше мајката, таа дома веќе имала неколку деца и не била во финансиска можност и овие две близначиња да ги одгледа. Иако ги остави во болница и си замина, не ни остави впечаток дека така мирно ќе ги остави децата. Законот ѝ дозволува во рок од три месеци да се предомисли и да побара бебињата да ѝ бидат вратени за да си ги одгледа. Но, доколку реши да се откаже од нив, треба да потпише изјава во радовишкиот Центар за социјални работи – објаснува од штипската болница.

Радовишките социјални работници велат дека веќе имаат отворено предмет за радовишанката, но поради сензибилноста на проблемот, додека таа не одлучи, не сакаат да говорат за случајот.

Од министерството за труд и социјална политика велат дека околу 80 деца чекаат за посвојување. Каков однос ќе се создаде со посвојувањето зависи од волјата на посвоителот, на родителите на детето кое се посвојува, односно на неговиот старател и на самото дете, ако е постаро од дванаесет години. Законот вели дека само малолетно лице може да биде посвоено.

Посвојувањето може да се заснова само ако е во согласност со најдобриот интерес на малолетникот, а за тоа одлучува Комисијата која е составена од пет члена именувани од министерот, велат од министерството за труд и социјална политика.

-Посвоител може да биде граѓанин кој е деловно способен, има лични својства за успешно вршење на родителските права и да не е постар од 45 години. Посвоител може да биде лице најмалку 18 години постаро од посвоеникот. Брачни другари можат да се јават како посвоители, ако еден од нив не ја надминува горната старосна граница. Не може да се посвои сродник во права линија, ниту брат ниту сестра. Покрај другите законски услови, посвојувачите мораат да приложат документи дека не се лишени од родителски права од Суд, не се осудувани, не им е одземена деловната способност, доказ дека имаат сопственост на стан, да приложат дека имаат месечни примања, а доколку посвојувачите се странски државјани, потребно е покрај овие документи да достават и социјален извештај од надлежната служба во кој треба да биде содржана и согласноста на земјата, соодветните лица да можат да посвојат дете од нашата земја, објаснуваат од министерството за труд и социјална политика.

ИЗВОР: Плусинфо

Најнови вести

Најново од Хроника

Најчитани вести