Уролошкиот хирург Димитар Стројановски се огласи со реакција на вчерашните изјави на министерот за здравство Никола Тодоров за опремување на велешката болница, прашувајќи дали морало да се уништи до прав тоа што претходно е со тешки маки стекнато само за да може власта сега да се фали со инвестиции.
Подолу ја пренесуваме реакцијата на Стровјановски
Дал да плачам ил да пеам…
Министре Тодоров,
Како само манипулирате со јавноста!!! Ќе коментирам само за уролошко одделение кое го раководев од неговото основање до 2010(преку 10 години)…Пред 15 години кога и се формираше одделението кое пред тоа беше отсек на хирургија,преку наши исселеници во Германија обезбедив(ме) ендоскопска апаратура во вредност од 80.000 германски марки (за здравствениот буџет на Македонија тоа кошташе нула денари!!!) со која започнав одма да работам бидејќи бев едуциран за истата со сопствени средства во Клинички центар Љубљана,а 2001 Европската асоцијација за Урологија ми додели и грант-едукација во престижната болница Еразме во Брисел во траење од 3 месеци (исто така за здравствениот буџет на Македонија тоа кошташе 0 денари) како и уште еден престој во Брисел, истотака 3 месеци во 2006 година…
Во целиот тој период од 2000 до јануари 2010 раководев со одделението во кое бевме тројца уролози,а и обучив еден од колегите да работи со таа апаратура…Во јануари 2010 години одговорив на една колумна во неделникот „СЕГА“ со моја колумна за здравството по која експресно ме сменивте…Но тоа не беше страшно…Следеше мобинг кон мене и незаинтересираност за одржување на опремата која веќе е за РАСХОД… Четири години наназад барам обнова на опремата од страна на болницата па едно од барањата со спецификација за потребната опрема ,од пред две години лежи и во некоја ваша фиока со мој потпис и со потпис на директорот на Велешката болница…
Додека им раскажувавте бајки на пациентите ја игнориравте нивната потреба да добијат барем исти услуги за современо лекување на простата, тумори на мочен меур и калкулоза на уринарниот тракт како и до пред некоја година…
Да , јас бев Ваш критичар, „вечити опозиционер“ потписник на ОТВОРЕНОТО ПИСМО до Вас и мислевте дека со обнова на апаратурата мене ме опремувате? Вашата продолжена рака рекла :-Не купувам опрема за него додека не дојдат специјализантите,а кога ќе дојдат тогаш ќе видиме! Во меѓувреме продолжената рака потпишуваше решенија со кои ми доделивте (вон законот) најмала плата во Македонија од март 2013 до денес, пред три месеци продолжената рака ме избриша дури и од листата на приправност и повик (уште еден минус од триесетина евра на мојата плата и неможност на пациентите да дојдат до мене баш кога највеќе им требам -а тоа не знам колку нив ги чини).
И сега кога останав сам и кога пред некој ден упатив писмо- прашање до Вас на прес изјавувате „Освен со набавка на нова опрема, дополнително го зајакнуваме капацитетот на оделението за урологија, со тоа што почнувајќи од овој месец, по три пати неделно доаѓаат доктори од Клиниката за урологија кои работат и амбулантски прегледи и интервенции. Ова е многу значајна мерка со која ќе овозможиме за релативно краток временски период докторите од клиника да ги пренесат искуствата на колегите, а воедно специјалистите – уролози од Велешката болница да ги доусовршат вештините во оваа област“.
Е министре,сега да Ве прашам,така зајакнавуате капацитет на одделение кое го уништувавте до вчера, плус со раководител ортопед? На кои тоа специјалисти – кога сум сам, колегите ќе им ги пренесат вештините и кои интервенции ќе ги изведуваат? Или продолжува агендата, сега со уништување и на одделението по хирургија кое е на стаклени нозе и ќе регрутирате хирург да стане уролог.кој на состанокот со Вашиот заменик инсистирал да му купите опрема за да работи кога ќе стане уролог? А на хирургија да останат двајца хирурзи? Дали тогаш мене ќе ме промовирате во „Англиска кралица“ по 23 години специјалистичко искуство и 30 години лекарски стаж?
Вашата изјава во пресот ако ја љубевте вистината ќе беше сосема друга по содржина и форма…Катастрофална е состојбата министре,катастрофална,но не само кај нас… Вашето „пожарникарство“ по „пироманството“ навистина е врв на неодговорноста,лицемерноста пред се кон двете незадоволни страни во здравството-пациентите и лекарите!
Но пред се кон пациентите!!!“, стои во реакцијата.


