Новинарот Саше Ивановски преку својот портал Мактел му одговара на новинарот Драган Павловиќ- Латас откако Латас преку весникот Вечер соопшти дека против него поднел неколку тужби. Текстот ви го пренесуваме во целина:
Добро си дознал дека сум од Кратово Латасе. Мојот дедо целиот живот го помина во рудникот Силекс а и мојот татко целиот свој живот го помина во Силекс како обичен работник и здравје, се надевам таму ќе дочека и пензија. Тие двајцата со својата пот и труд учествуваа во стварањето на компанијата Силекс и со тоа и на телевизијата во која ти работиш сега и се правиш главен фраер и медиумски силеџија во државава.
А сега да ти раскажам за мојата биографија и обрзование за кои велиш дека не и се познати на јавноста алудирајќи дека сум никој и ништо и необразован. За разлика од тебе кој си скопско дете и кој целиот свој живот го помина како портпарол на речиси сите влади, јас одбрав да се пробивам низ животот сам без да одработувам за никого и без да имам зад себе некој да ми го чува грбот. Како средношколец бев еден од најдобрите ученици во средното училиште во Кратово и бев првиот преставник во историјата на ова училиште на меѓународна светска олимпијада, во случајов беше тоа олимпијадата по Физика која се одржа во Падова, Италија, во 1999-та. Ја преставува Репубика Македонија таму, нешто што беше за мене и за мојот град тогаш голема гордост. Една година претходно бев кандидат за претседател на Унија на Средношколци на Македонија, тогаш обични потрчковци во УСМ ми беа сегашните пратеници на ДПМНЕ Илија Димовски и Александар Николовски, прашај ѓи самите ќе ти кажат. Но не сакав да се бавам со политика, уште тогаш забележав колку македонската политика е нечиста и брутална.
Потоа се запишав на ЕТФ и додека студирав се соочив со неверојатни финансиски проблеми, неможев да си ја платам храната и другите трошоци за живот, па работев како ноќен чувар во домот за сираци, Ранка Милановиќ. Ноќе бев чувар и се расправав со проблематични и нервозни деца оставени од своите родители, а дење следев предавања на ужасно тешкиот и озлогласен ЕТФ кој го завршуваа само најупорните и најталентираните и најинтелигентните. Јас успеав да го завршам иако додека студирав морав да правам паузи за да спечалам пари па работев како келнер во Ирски Паб каде ти Латасе еднаш дојде на појадок па те прашував дали стварно Љубе Бошковски ти дал џип на што ти одговори дека кој мисли така нека докаже. (Ова не беше нашата прва средба, претходно на еден митинг на социјалистичката партија те видов па те замолив да ми дадеш визит карта за да те побарам некогаш, затоа што ти тогаш ми беше идол. Јас како и стотици илјади други Македонци тогаш ти верував, ти беше многу моќен и добар водител на емисијата Профил на Сител. Тогаш јас те бранев тебе но и Мирка пред моите соученици во мојот клас, носев примероци од неделникот Пулс и им читав на глас колумни на Мирка и цитирав твои изјави од емисијата Профил. Дури еднаш и ти се јавив на мобилен, тоа беше за време на палењето на америчката амбасада 1999-та, ти се јавив на мобилен да те прашам што се случува со амбасадата ти ми кажа дека летаат хеликоптери над амбасадата и дека таа гори. Но повеќе за тоа и за разочарувањето од тебе подоцна.)
Потоа работев како тутор по математика и физика на територијата на Карпош 1,2,3,4 Лептокарија, Порта Влае и Тафталиџе и многу жители од овие населби лично ме знаат затоа што им ги учев децата основи по математика и физика. Освен тоа работев и како градежен работник, мешав малтер за правењето на неколку згради во Скопје. Бев и келнер во неколку кафеани во Скопје, како на пример кафеаната Љуц. Многу од гостите кои ми дојдоа во Политико ги имам претходно сретнато, ама како млад студент со привремена работа келнер. Потоа работев секое лето во Грција како берач на тутун, станувавме со брат ми секое сабајле во 5 и работевме со мали паузи навечер до 9, секој ден. (Интересно е што во една прилика газдата за кој работевме а со кој се каравме по цели денови чија е Македонија изреволтиран од дебатата ме однесе да се запознаам со Јоргос Папандреу кој беше дојден во селото на политички митинг. Само се поздравивме и мене грчкиот јазик ми беше слаб а и не сакав многу да му објаснувам затоа што бев опколен со стотина грчки националисти во сред Грција). Потоа работев и како берач на целер во Англија, работевме секој ден од 6 наутро па до 6 навечер, цело време на англискиот дожд кој речиси никогаш не престануваше. Но сепак го завршив факултетот и се вработив во Инвест Банка како програмер.
Но потоа платата не ми беше доволна за нормален живот, а неможев да чекам неколку години за покачување а требаше да му помогнам на брат ми да си го плати образованието и онака местото не ме држеше, програмерската работа не беше за мојот темперамент па заминав да работам на брод за неколку пати поголема плата. Работев со Индијци и Пакистанци и Филипинци во ужасни услови но го видов светот и местата кои сум ги гледал само на филмови. Потоа решив да си ја пробам среќата и во САД, бев таму речиси две години во Бостон и Њујорк од прва рака на своја кожа ја почувствував прекрасната Америка, земјата со која растеме преку филмовите, тв сериите и музиката. Притоа некогаш бев приморан да спијам на аеродроми, немав документи, работев келнер, кувар, продавач на вино, миев садови итн… Интересен момент додека работев во елитинот Унион Бар во елитниот кварт Саут Енд во Бостон гостин ми беше во една прилика на моја маса гувернерот на државата Масачусетс, демократот Девал Патрик па му лобирав за Македонија, му реков да му спомне на Обама дека Македонија треба да влезе во Нато и дека Грците не малтретираат. Потоа тоа ми беше многу смешно, спијам по аеродороми ниеден Македонец не сакаше да ми помогне а сеуште на врвот на мојата агенда ми беше Македонија наместо да гледам како да се снајдам.
Таму во САД сфатив дека всушност јас сум скроен да бидам новинар затоа што целиот живот само читав следев се анализирав објаснував зборев овожавав политика, дури како келнер и на бродот и во рестораните низ САД бев познат како најзборлестиот келнер на светот а веројатно и најлошиот. И на факултет цело време наместо со скрипти, бев познат со весникот под мишка или пак наместо да ги следам предавањата цело време читав задлабочено колумни на Фрчкоски, Героски, Мирка, Ѓунер, Ризаов, Орданоски, Ѕвездан Георгиевски, Љубиша Георгиевски, Ѓорѓе Марјановиќ, Катерина Блажевска, Јадранка Костова, Никола Младенов… Од таму од САД го следев упадот во А1 и преку фб дебатирав со Роберто Беличанец, правевме замислено интервју со Борјан Јовановски каде ја бев Борјан а он беше премиерот со цел да си докажеме дали можело подобро да се одработи интервјуто со премиерот пред влада кога сметав дека Борјан и Младен Чадиковски можеа подобро да го згазат премиерот. Му пишував на Трендо сценарија за емисии и барав помош на што тој учтиво ми одговори дека ќе проба да ми помогне но не ми ветуваше многу. (Потоа Трендо беше тој што ме лансираше со постирање на популарни исечоци од Политико на он.нет, тогаш уште не беше направен офф.нет. Тогаш кога го плескав Латас за Трендо бев ок, но подоцна како Трендо стануваше се поголем талибанец работите се сменија и Трендо ми стана исто еден од најголемите непријатели, првенствено поради моите замерки зошто е толку тивок за разлика од Трендо од 90-тите и раните 2000-ти кога тој пишуваше храбро за се во државата.)
Значи по краток престој во САД од две години решив да се вратам во Македонија иако бев во процес на добивање на зелена карта, добив грин кард на лотаријата која ја прави стејт департментот, но некако не се гледав себеси во САД, сметав дека сум отиден таму прекасно, не се вклопував во нивниот начин на живот, сметам дека во САД треба да се отиде како млад тинејџер, на 17 или 18 години за да се вградиш во нивниот начин на живот, а не ко мене да отидеш на 31-на година, тогаш си веќе изградена личност и таму се чувствував изгубено, а можеби и осаменоста ме изеде, да работиш и да спиеш без ништо да ти се случува е многу тешко ако не си во брак или сериозна врска а јас таму бев сингл, тоа тешко се издржуваше а девојките во САД не се толку комуникативни како во Македонија, тие се запознаваат со идните дечковци или во црква или на факултет, филмовите кои ги гледаме се само филмови и фикција, реалноста е дека Американците се многу повлечени и конзервативни и затворени за комуникација. Времето го минував со денови и недели и месеци гледајќи американски политички емисии и шоуа и многу работи научив и украдов од тие фантастични новинари и тв водители. Целата моја самодоверба сега ја црпам од тоа мое искуство на научени финти од гледање на илјадници дебати и интервјуа.
Откако се вратив во Македонија, поради некоја чудна причина бев хипнотички уверен дека некоја телевизија ќе ми даде да водам политичка емисија иако немав ни еден ден новинарско или телевизиско искуство. Кога ќе се појавев во некоја канцеларија кај некој директор на телевизија или продукција и кога ќе му ја кажев таа идеја дека сакам моја емисија иако никој не ме знае ниту пак сум водел некогаш емисија или сум бил новинар, луѓето се чудеа од која лудница сум избегал.
Но упорноста се исплатеше, најпрвин шансите за емисија постоеја во АБ Канал кај Бојо но откако се изјалови работата преку Јанко Бурек успеав да добијам емисија на Наша ТВ. Јанко го излажав дека сум окорели ВМРО-вец и он ми поверува. Он уствари сакаше ја да бидам негов соработник и да одам со камера и да правам прилози за него по градот и он да ги емитува, нешто како овие мунгосите сега што ги вклучува во емисија како известувачи од Брисел и Вашингтон. Оние Гомкович и оној шо го бркаше Самарас по Вашингтон ко да е Парис Хилтон. Но јас се изборив некако за сопствена емисија и кога после неколку емисии Политико Јанко дозна дека сум комуњара збесна и почна да им забранува на гледачите на Јади Бурек да зборат за мене во негова емисија и почна да наредува кога он ќе се појавел во телевизија мене да ме бркале, па секогаш кога он ќе се паркираше пред Наша ТВ, некој од неговите асистенти доаѓаше и ме бркаше од телевизија.
Инаку Латас тврди дека сам сум си ставил прекар Политико, што донекаде е точно затоа што сам ја крстив емисијата Политико а после и мене така ме завикаа затоа што беше уникатно звучно и лесно се паметеше. А зборот Политико го позајмив од познатиот американски политички веб сајт, Политико.
И така, откако конечно сфатив дека работата како новинар ме исполнува и дека конечно најдов работа која сакам да ја работам, мојот живот стана многу среќен и доби смисла иако првичните услови за работа беа катастрофални. Од платата кој ами ја даваа немав пари за стан во Скопје па патував секој ден релација Кратово – Скопје. Емисиите ги спремав концепциски во Кратово до доцна во ноќта преспивав неколку саати, станував сабајле во 5 спиев два саата во автобус и потоа одев пешки од Автокоманда до зградата на телевизијата на кванташки, што беше многу заебано зиме и лете, беше или ужасно ладно или ужасно топло да пешачиш неколку километри за да потоа водиш емисија и да дебатираш концентрирано со министри пратеници лидери на партии гувернери бизнисмени екс премиери глумци инт итн. Но не ми сметаше, јас уживав во тоа, едноставно се пронајдов себеси, влегов во шините, открив зошто сум скроен. Конечно моите желби да допринесам некои работи да се сменат во општеството можев да ги искористам како начин да од тоа и заработувам, значи хобито и професијата ми станаа едно, и успехот беше фантастичен. (Малку луѓе знаат дека првата Политико всушност беше снимена во АБ Канал и беше пилот емисија никогаш не е емитувана и тогаш планот беше водители да бидеме двајца, јас и Роберто Беличанец а гости беа Мирјана Најчевска и Сем Вакнин. Едвај го убедив Роберто да ја снима пилотката но емисијата никогаш не се емитуваше а и онака во АБ Канал немаше никакви услови за работа, таму владееше организационен хаос.)
Потоа Политико стана хит, мојата примена на досега невидени тв техники за овие простори како жестоки дуели во интервјуата, многу страст, гестикулации, лични експресии, интересни интервјуа на терен, многу сарказам и иронија и секако скандалите со интервјуата кои ја разбрануваа јавноста како интервјуто со Боки 13 и интервјуата со Латас, Трендо, Панде, Милчин, Томе Далавера, Љубчо, Гошев итн придонесоа многу бргу емисијата да стане вистински хит меѓу народот.
Но како одминуваше времето се појасно ми беше дека владата на Груевски забегува тотално по сите основи и така и мојата емисија стануваше се покритична кон владата и од нејасни причини, но истите се наѕираат, менаџментот на Наша ТВ реши да ја укине емисијата. Емисијата беше многу профитабилна, речиси немаше никаков трошок, се снимаше во едно студио два на два со стара сценографија и многу мал тим а генерираше многу приходи од реклами. Интересно беше дека во исто време и проектот Јади Бурек премина на друга телевизија. Како да сакаше телевизијата да не се бави со политика повеќе, како да им се згади од политика на луѓето во менаџментот. Потоа преминав во ТВ Сонце и иако таму луѓето се храбреа дека можам да бидам слободен во ставовите, по 5-6 емисии кога се виде дека сум окорели опозиционер и кога почна телефонот да им се вцрвува од ѕвонење од кај ДПМНЕ и владата, емисијата Аналитико беше укината.
Тогаш се решив да направам свој веб сајт, уште еден мој сон се реализираше, да бидам свој уредник никому да не треба да објаснувам што сум кажал зошто сум кажал кого сум интервјуирал и слично, порталот беше едно големо ослободување од уредничките стеги и сега Мактел е една прекрасна приказна која привлекува многу внимание. Сајтот имаше свои ѕвездени моменти но и скандалозни со мојата глупава колумна за Игор Џамбазов за која се извинив за спорниот дел и за која има да си јадам заушки док сум жив.
Во меѓувреме се оженив и ни се роди едно прекрасно бебенце кое ми дава една сосема друга позитивна нота во животот. Но и за првпат се соочив со смрт на драг и близок пријател, се испративме засекогаш со Роберто, што пак ме замисли за минливоста на животот.
Ете тоа е мојата биографија досега Латасе, и тоа е моето формално и животно образование. Иронично во мал дел и ти имаш удел во градењето на мојата личност, твојот стил и емиии во 90-тите влијаеа на креирањето на мојата личност. Но за среќа потоа ги читав Јадранка Костова, Катерина Блажевска, Мерсел Биљали, Фрчковски, Никола Младенов, Нано Ружин, Ѓорѓи Спасов, Никола Поповски итн па многу го читав и мојот сега се чини најголем непријател Геровски кој имаше одлични колумни низ годините и од сите нив научив многу за политиката и за тоа што се случува во Македонија.
Како што можеш да видиш Лаки, во мојата биографија нема катапултирања поради нечија безрезервна помош, не сум сакал скратени патеки како на пример брак со девојка од една од најбогатите фамилии во Скопје, или пак не сум одработувал за некој моќник за неговите политички и бизнис интереси, не сум трчал по титули па да се закитувам со докторска титула од факултет на Бојо, и никогаш не сум сакал да му направам штета на овој народ туку напротив секогаш сум бил општествено одговорен. Кога бев на студии и кога живеев во студентскиот дом Стив Наумов се степав со управникот затоа што немавме столови и маси во читалната па тој мораше да донесе маси од ректоратот на УКИМ и тие и ден денес стојат во читалната во Стив, за оние кои биле таму да ги потсетам, се работи за оние големите долги полукружни маси. Кога живеев во студентскиот дом Гоце Делчев редовно одев да се раправам со лидерите на студентите зошто не се заложат да се донесат греалки во читалните затоа што мрзневме кога учевме таму ноќе, а мораше така затоа што ако си на ЕТФ или Медицина или некој од другите тешки факултети учењето и ноќе и дење е неизбежно. И сега како новинар се трудам да не го лажам народот и да работам за неговите интереси и демократски слободи и секогаш се трудам да го информирам за вистината и да го бранам од власта и да барам од власта транспарентност и домаќинлак.
Никогаш како тебе Латасе не сум се продал за пари, никогаш не сум зарил никому нож во грб или па да го ритам додека е паднат, никогаш не сум го лажел мојот народ, никому не сум земал пари од мојот народ за да му наштетам, секогаш сум бил искрен кога сум го гледал у очи преку камерата. А ти Латасе, што имаш да кажеш за тоа? Која е твојата биографија, кое е твоето образование и која е твојата совест? Колку прљави пари имаш заработено, колку за тие пари си направил штета или си помогнал да се направи штета, можеш ли мирно да спиеш човеку и ако можеш, каков монструм си ти?
текстот во целина е преземен од порталот Мактел


