Портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор на партијата, Богданка Кузеска, по повод 24 Мај – Денот на сесловенските просветители Светите Кирил и Методиј, порача дека македонскиот јазик денес е меѓународно признаен и заштитен, а интеграцијата во Европската Унија претставува „најголем чин на патриотизам“.
На прес-конференција, Кузеска истакна дека делото на Светите Кирил и Методиј претставува темел на македонскиот идентитет, јазик и култура, додавајќи дека сегашните и идните генерации имаат обврска да го негуваат нивното наследство.
Таа нагласи дека во периодот на владите предводени од СДСМ биле донесени, како што рече, „храбри и државнички одлуки“, благодарение на кои македонскиот јазик денес е признат и рамноправен во Обединетите нации и во Европската Унија.
„Со договорот со Фронтекс, македонскиот јазик е официјално признаен од Европската Унија, потпишан чисто на македонски јазик, без фусноти, без додавки, од сите земји членки на Унијата“, изјави Кузеска.
Во своето обраќање, таа се осврна и на критиките што СДСМ ги добиваше во изминатите години околу Преспанскиот договор и евроатлантските интеграции, оценувајќи дека политичките противници денес признаваат дека „свесно го лажеле народот“.
„Тие што не обвинуваа дека сме предавници денеска признаваат дека со Преспанскиот договор се заштитени македонскиот идентитет, македонскиот јазик и македонската култура. Признаваат и дека членството во НАТО е добро за државата и безбедноста на граѓаните“, рече Кузеска.
Според неа, државата веќе изгубила драгоцено време на патот кон европската интеграција и не смее да дозволи нови застои. Кузеска порача дека вистинскиот патриотизам не се мери преку поделби и изолација, туку преку обезбедување иднина за државата и граѓаните.
„Интеграцијата во ЕУ, во големото европско семејство на рамноправни народи, е најсилната гаранција за иднината на македонскиот народ, македонскиот јазик и македонската држава“, истакна портпаролката на СДСМ.


