Државната туристичка компанија на Северна Кореја, „Korea International Travel Company“, лансираше промотивно видео за привлекување туристи, особено од Русија.
Тие објавија промотивно видео спот со кој сакаат да го освојат рускиот пазар. Тоа е последниот обид за Северна Кореја да привлече повеќе туристи, а главни „актери“ во филмот се млади Руси.
Рекламното видео прикажува плажи и млади луѓе кои уживаат на морскиот брег. Иако се работи за нискобуџетен комерцијален филм, Северна Кореја, инаку изолирана од остатокот од светот, јасно покажува дека се отвора за посета на странски туристи.
Видеото е снимено на плажата Мајеон во јужниот дел на провинцијата Хамгјонг на истокот од земјата, или така тврдат тие, и прикажува млади Руси како играат одбојка и уживаат покрај морето. Она што е најинтересно е фактот дека во филмот се појавуваат жени во бикини, и покрај тоа што оваа земја е позната како тоталитарна, каде што е забрането носење оскудни костими за капење.
Северна Кореја, или Демократска Народна Република Кореја, е специфична земја која се издвојува по својата екстремна изолација и централизирана влада. Иако има природни ресурси и обучена работна сила, земјата се соочува со економска стагнација и сериозни проблеми со човековите права.


