Шарената револуција како огледало на Француската револуција

            

Македонија  и’  маршот на „Шарената револуција“  мора да создаде нова држава кој ќе се заснова на право и рационалност, а не на разулавени емоции; „Шарена револуција“ која наместо поданици, ќе создаде граѓани; а позади граѓанинот – секуларна држава! Најголемото човечко и очовечено достигнување од Француската револуција наваму.

Кога човек ги исчитува дневните весници на режимските курири (и воопшто медиумите), гарантирам дека и најцрниот непријател на Македонија ќе посака токму такви весници (и медиуми),  кои, ионака залудениот народ го бомбардираат со насилничка пропаганда, непрестано го опоменуваат и му покажуваат призор на беда, чемер и разочарување, и така – уште рано наутро – го претвораат во мноштво од зомбии неспособни за било што друго освен за самосожалување и агресија. Не знам каде прочитав, ама ми се чини ужасно вистинито: „Медиумите ништо не допринесуваат, бидејќи се откажаа од јавниот интерес, единствено што чинат е тоа што луѓето ги прават нервозни“. Дали после ова, некој навистина се сомнева дека нужно мора да се промени медиумската слика во Македонија, зачинета со гнасна пропаганда која комплетно, и’ физички и’ емотивно,  не’  излуде? И најважно – не изгнасни со патриотизам!

Француската револуција пак, посредно заслужна за национализмот (практично со неа тргнаа национализмите во Европа), а непосредно произведе нешто од што нема подобро и поголемо: граѓанинот наместо поданикот. Позади граѓанинот: секуларна држава. Овие две работи се најголемиот дострел за човечкиот или очовечениот подвиг во едно општество. Тамо каде не е возможно,  значи, граѓанинот во секуларно општество, тамо добиваме национализам и мноштво празноверие како замена за Бог и верата. И едното и другото е, се разбира, застрашувачко, ама сепак е произлезено од Француската револуција, или не само од Француската револуција.

Да речеме, Бог, посредуван од институцијата Црква, не е срушен со револуција туку со општествена еволуција,  така што Црквата од небеса се симнува на земјата. Кога пак, поповите, почнаа да мислат повеќе на сопствениот газ, одошто на верата, народот почна да им врти глава, па,  следствено на тоа – и на Бога. И така се создадоа утра за мистични идеологии, колективни хипнози и етнонационализми, кое своето конечно остварување ќе го најдат во десни, профашистички партии.

Зошто поповите, црковната епархија и сите помали и поголеми црковни канони му поверуваа на Груевски? Одговорот е едноставен – затоа што не му поверуваат на Христ. Ако му веруваа на Христ – па дури и ако немаа цврста вера, доволно е да беа трезвени – веднаш ќе им беше јасно дека во прашање е паганин, противник на христијанството и примитивен практикант на црномагиски обреди и пропагандни вештини, ама црквените татковци во Груевски видоа успон на тој и таквиот Хитлерчиќ, создавајќи безвезни шанси за некакво „национално обединување“, само како би ги оствариле своите цели и амбиции. Груевски во нивните очи, изминативе години беше една врста антиглобалист, борец против Мамони, плутокартија, Евреи, комунисти, педери и декаденти, баш како оној луд доктор Шулц од филмот „Django Unchained“.

Регресија на национализам во суштина е регресија на племенска свест, на размислување од типот: непријателот на мојот непријател е мој пријател; или, добро е кога ние на комшиите ќе им ја украдеме стоката и жените, а зло, зло е кога соседното племе нам ќе ни ја украде стоката и жените.

„Шарената револуција“ пак, од друга страна  е дел од мене; „шарената револуција“ е дел од сите слободоумни граѓани кои се противат на криминалци, бахатост и безумие; „шарената револуција“ во крајната цел е борба за човечки правдини, за чувството и болката на другиот, угнетениот; „шарената револуција“ е борба поданикот да се замени со граѓанинот, а државата да се одвои од црквата; „шарената револуција“ е борба за права на луѓето кои не треба да се ситнат и разделуваат; „шарената  револуција“ е борба за Цивилизциски вредности, универзализам.

Да речеме, јас претерувам кога велам само кретени на пушачите и натаму можат да им го укнуваат или ограничат  правото на пушење, така што – во денешна Македонија смееш да зaпалиш ако си на прописна оддалеченост од здравствениот објект или зграда. И дека само кретени можат некому во друштво да им го ускратуваат правото да запалат на место на кое смее да се пуши. Малку се чувствувам бедно кога ќе појдам кај некои пријатели дома, и кога домаќинот ќе ме праша смее ли да пуши. Нешто тука, опасно не е во ред. Не се работи тука само за пушење, туку за симптом многу поширок „од гестот“  за пушење, а што повторно доаѓаме (може на „прва топка“ делува банално) до правото на човечките слободи: човекот живее слободно и непречено од другите луѓе. Кога гледам што се’ им се прави на пушачите, почнува да ме гризе совест што престанав да пушам. Можеби од пркос ќе почнав повторно да пушам.

„Шарената револуција“ имено не е право само на пушачите и нивните слободи, туку и за човечките слободи кои секој човек има загарантирано право да живее слободно и непречено од другите. „Шарената револуција“ е борба за граѓани, не’ поданици; позади граѓанинот – секуларна држава, најголемото човечко и очовечено достигнување од Француската револуција наваму!

 Пишува: Ненад Јовановиќ,
граѓански активист

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести