Министерот за надворешни работи на Германија, Јохан Вадефул, претпладнево во Белград изјави дека Србија ќе одлучи на избори по кој пат ќе оди.
Вадефул рече дека добил уверување од српскиот претседател Александар Вучиќ и шефот на дипломатијата Марко Ѓуриќ дека Србија е јасно фокусирана на патот кон Европската унија.
Тој изјави во Белград по средбата со Ѓуриќ дека од кандидатот за членство се очекува да обезбеди слобода на собирање и изразување и дека за тоа не се преговара, бидејќи тоа се столбовите на ЕУ.
Вадефул, кој синоќа пристигна во Белград, каде што разговараше со Вучиќ, а денеска со Ѓуриќ, ќе разговара и со претставници на граѓанското општество, по што ќе отпатува во Приштина и во Скопје каде што ќе ја заврши својата тридневна посета на Западен Балкан.
Вадефул ја започна турнејата во неделата со посета на БиХ, а потоа беше во Црна Гора и Албанија пред да пристигне во Белград.
МИА


