Шекеринска: Синдром на поделена личност

Кога се ти оди – продолжи да работиш. Кога не ти оди – работи уште повеќе. Ова беше слоганот кој го затекнав во мојата студентска соба во САД. Под него пишуваше: инспирирано од студентската сесија 1979. Веќе беа минати повеќе од 25 години и ниту еден од бројните времени станари не посакал да го симне. Бидејќи е соодветен; бидејќи е мотивирачки; бидејќи е точен.

Се потсетив на него додека се подготвував за дебатата по Европскиот извештај за Македонија. Додека ги анализирав податоците и ги споредував бројките. Додека ги слушав немуштите оправдувања дека ние сме супер, ама само името ни ја мати водата. Додека чекав некој од Владата да соопшти зошто го губиме времето и тапкаме во место. Да соопштат зошто кога „не ни оди„ тие работат помалку и полошо.

Се разбира дека не ги добив посакуваните одговори. Власта одлучи да глуми пациент со синдром на поделена личност кој еден ден се „крсти„ во „позитивниот„ извештај на Европската комисија, а веќе 24 часа подоцна се колне дека критиката во извештајот е дело на мрачни сили кои коваат завера против Македонија. Еден ден насмеани го гушкаат Ховит, другиот ден намуртени објаснуваат дека неговите коментари имаат друга позадина.

Но, фактите ни се пред нос и на хартија и тие не’ опоменуваат дека ѓаволот си дојде по своето. Во комплексната клиничка слика на поделените личности високо место зазема и заборавањето на важни податоци. Тука нашата Влада со синдром на поделена личност е вистински шампион. Еве ги петте факти и коментари на кои таа систематски ќе пријавува „memory loss„:

Селективна правда. Нема пасус во европскиот извештај посветен на правосудството во кој не се споменува опасноста од селективна правда. Немаше европска изјава во која не се алармира Македонија за овој проблем. Само во воведните излагања пред три дена, европските претставници три пати се навратија на овој проблем. Статус кво? Апсолутно не! На оваа тема Македонија бележи сериозно тонење кон дното. Европските коментари се многу претцизни и удираат во мета. Се зборува за „селективна правда, индиректни политички притисоци, невообичаено брзи пресуди и одлуки кои директно влијаат на кариерите на судиите кои ги изрекле„. Се коментира дека изречените притвори не се во согласност со обврските кои ги имаме во Советот на Европа. Говорниците веќе не се стеснуваат да ги спомнуваат конкретните случаи на Кежаровски и Шиповиќ. Ова НИКОГАШ досега не било случај со многу внимателните европски претставници кои знаат да ги бираат зборовите и приоритетите.

Корупција. Медениот месец заврши. Очекувањата не се исполнија. Извештајот удира точно во метата и ги споменува проблематичните делови: „корупцијата во јавните набавки и транспарентноста во финансирањето на политичките партии мора да добијат специјално внимание. Земјата мора да покаже ВИДЛИВИ резултати во намалувањето и спречувањето на корупцијата во пракса„. За да не помислиме дека зборуваат воопштено или напамет, знаат да бидат и многу конкретни, па потсетуваат на тендерите за Скопје 2014 кои постојано се менуваат и стануваат се поскапи. Анекс-корупцијата доби веќе и европска промоција. На тема корупција нема збор за статус кво: овие тврди изјави на Комисија се многу различни од формулациите во 2009 (добар напредок), 2010 (одреден напредок), 2011 (ограничен напредок) и 2012 (мал видлив напредок). По ова прашање можеби е највидлив нашиот европски рикверц.

Администрација. Известувачот постави реторичко прашање кое никој од власта не се обиде да го одговори. Човекот вели: како да го разбереме фактот дека Владата не кажува колку луѓе работат во нејзината администрација? Е како де? Како глумење лудило? Синдром на поделена личност? Демек ниту една од личностите не знае другата колку вработила? Звучи логично, но не е. На сите им е јасно, па и на оние кои македонските властио ги сметаат за наивни, дека власта многу добро знае колку луѓе плаќа на секој први во месецот. Знае, бидејќи претходно мора да зајми за таа намена. Власта знае колку луѓе плаќа, ама знае дека таа бројка не е за објавување. Па, игра криенка и со македонската и со европската јавност. Затоа од таму добива констатации дека „огласите за работни места се однапред скроени„ за подобните кандидати, дека 1500 вработени седат дома а примаат плата, дека постапките за вработување се проблематични…

Бројки. Кога на власта не и одговараат зборовите од Извештајот, таа вообичаено бега во бројки. Избрани селективно се разбира, а понекогаш и самосоздадени. Овој пат тоа тешко ќе им оди. Веќе доминираат бројките за зголемениот долг од 65% БДП (бруто надворешен), „понатамошното влошување на квалитетот на владино трошење„, зголемен буџетски дефицит и намалена инвестициска потрошувачка. Но, тоа не е се. Европската комисија не информира дека заради владини слабости македонските земјоделци веќе изгубија 8 милиони евра, а дека слична опасност им се заканува и на други европски проекти. Покрај европските бројки, можеме и сами да направиме некаква статистика за овогодишниот извештај. Па ќе видиме дека во само 6 поглавија (нецели 20%) комисијата зборува за „добар напредок„, додека во останатите доминираат зборовите: „извесен„, „ограничен„, „мал„. Бројките оваа година велат: слабо, многу слабо.

Медиуми. Намерно ова го оставив на крај. Се е кажано и се е јасно. Не чини работата ама баш ич. Во изминативе години оваа тема добиваше се поголем простор, ама сега се зборува за „исклучителни потешкотии„, за „високо ниво на загриженост„ и за неподелен впечаток дека секој ден, медиумските слободи се повеќе тонат. Власта со синдром на поделена личност овие коментари моментално ги брише од меморија, но не заборава да тера по свое: откако ќе се усвои Извештајот да го покаже своето вистинско лице. Затоа, мораше да се спречи протестот на новинарите. Затоа, мораше да се закаже па откаже седницата за законот за медиуми. Да не случајно некој помисли дека нешто научиле од грешките, дека критиката вродила со плод, дека партијата се сетила на државата.

Откако власта ќе ги избрише сите овие европски вистини од својата меморија, откако ќе плати на своите мегафони да го сторат истото и со меморијата на јавноста, откако ќе ни приреди уште неколку трика за одземање на вниманието… повторно Џекил и Хајд ќе се примират и ќе создаваат впечаток на нормалност. И како во слоганот од мојата студентска соба, ќе продолжат да работат. За себе, за своите и за никој друг.

пишува Радмила Шекеринска

Колумната е превземена од веб страницата на СДСМ

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести