Михаел Шумахер се бори за живот откако попладнето му се влошила состојбата, по скијачката несреќа, во која со тешки повреди на главата се здобил седумкратниот шампион во Формула 1. Иако извори од болницата претходно изјавија дека состојбата му е стабилна, француски медиуми повикувајќи се на неименувани извори јавуваат дека попладнето неговата состојба се влошила и дека животот му е загрозен.
Според најновите информации, што ги лиферува на Твитер италијанскиот новинар Tancredi Palmeri, Шумахер има мозочно крварење и е во критична состојба.
Во Гренобл пристигна и невролог од Париз за да ја прегледа легендата на Формула 1, а во предниот дел на болниците се собраа десетици фанови на Шумахер.

Полицијата ја испитува причината за несреќата, иако медиумите објавија дека Шумахер скијал надвор од патеката, заедно со 14-годишниот син. Неговата сопруга и двете деца дојдоа во болницата, а според најновите информации објавени околу 22:30, беше потврдено дека тој е во критична состојба.

Германецот е еден од најдобрите возачи во историјата на Формула 1, има освоено седум титули светски првак (1994, 1995, 2000, 2001, 2002, 2003 и 2004) и “држи” многу рекорди во овој спорт. Според официјалниот сајт на најбрзиот циркус, тој е “статистички најдобриот возач во историјата.”


