Силните индивидуи на “Шарената револуција” предвесник на новата Македонија

Живееме и коегзистираме во едно такво (не)време во кое суштината, духовноста, културата и индивидуалноста стануваат толку далечни, а облиците, медиокритетството, маските и блудот толку блиски, небаре не можеме веќе без нив. Делува скоро неверојатно како само дозволивме така несвесно и летаргично да ги разориме и онака кревките општествени вредности и критериуми. Но, далеку поневеројатно делува како тоа прифативме да лебдиме вака недефинирано, неуспевајќи ниту за миг да се помирисаме и да се почувствуваме самите себеси. Како само дозволивме? Како?

Институциите на системот се веќе комлетно узурпирани и нефункционални. Правдата е невозможна, а солидарноста речиси комплетно напуштена. Суровата медиумска пропаганда ја фрли на буниште прогресивноста и наменски ја инсталираше подпросечноста. Економската немоќ и егзистенцијалните проблеми на најголемиот дел од граѓанството само дополнително го појачаа ропството, ја соголија и не престануваат да ја уништуваат индивидуата.

Силни индивидуи има се помалку, а стада има се повеќе. Се помалку има лични борби и соништа, а се повеќе има допингувани бранувања на масите. Па, која е целта на нашето живеење? Кои се нашите основни вредности и принципи врз кои почиваме и ревносно ги браниме? Што сакаме? Каде одиме? Зошто таму одиме? Всушност, знаеме ли кои сме ние? Зошто ноншалантно дозволуваме да не влечат за уши? Зошто дозволуваме да бидеме нивните човечиња? Зарем немаме сопствени идеали и визии?

Веќе подолг период ми се гади од зборот “народ”. Зад “народот” се крие цела една лепеза на режимски инструменти преку кои системски и хируршки прецизно се убива индивидуата. Нам не ни треба народ. Нам ни требаат индивидуи. Граѓани! Силни. Храбри. Цврсти. Одлучни. Свои. Индивидуи кои што се фокусирани на себеси. На својата слобода, права и цели. Нам ни треба ентузијазам и инспирација. Нам ни треба праведно, демократско и солидарно општество. Општество во кое секој борејќи се за својот сопствен интерес, а коегзистирајќи синергизирано со своите собраќа ќе успее дополнително и вредносно да го подобри општествениот капацитет и системски можности.

Оние кои не го даваат својот индивидуален придонес во моменталната борба за слобода и правда, и оние“незаинтересираните” за политика не се ни најмалку слободни “фраери” (какви што се замислуваат). Баш напротив, тие во моментов се најзависните граѓани од политичките состојби во општеството, а Големиот брат везден им бдее. Ќе успееме да бидеме независни индивидуи и ќе се чаталиме дека сме имуни на партии и политика, но само кога ќе се избориме, кога ќе изградиме и кога ќе коегзистираме во слободен, праведен и прогресивен општествен систем.

Систем во кој со наши пари нема да се финансира новата песна на Канго, туку со наши пари ќе си платиме влезница за концерт на Канго, ако ни се допаѓаат неговите нови песни. Систем во кој сами ќе одлучуваме што сакаме. Систем во кој ќе знаеме кои сме и слободно ќе го кажеме тоа. Систем во кој слободно ќе се осредоточиме со нашата суштина, автентичност и цели, а не со наметнатите аспирации на апсолутно недофатливите водачи.

Систем во кој државниот апарат и државните институции ќе бидат нашата алатка за подобри животни услови. Систем во кој нашите даноци ќе се канализираат во неопходната инфраструктура, образование и здравство. Систем во кој ентузијазмот и правата нема да му бидат ускратени на никој од нас. Систем во кој ќе ги почитуваме правилата на игра и во кој законите ќе важат подеднакво за сите. Систем кој ќе инспирира, а нема (вредносно) да демотивира. Систем кој ќе стимулира, а нема (партиски) да субвенционира. Систем кој ќе го штити интересот на своите граѓани, а не интересот на менливата (во секој момент) врхушка на власт.

Затоа, борбата и достигнувањето на едно такво општество нема алтернативи. Во моментов радува шаренилото, енергијата и синергијата на “Шарената Револуција”. Радува затоа што граѓанството коешто неа ја сочинува освен што го крена гласот и ги фрли шарените бои кон неправдата, криминалот и режимот, исто така недвосмислено ја најави и новата Македонија. Македонија на силните индивидуи. Модерна. Слободна. Праведна. Прогресивна. Шарена. Убава Македонија!

Пишува: Перо Костадинов

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести