Сирија гори, а Башар се чешла

Пред почетокот на зимата во Сирија, каде што неколкуте милиони бегалци нема да можат да се згреат, каде неколку илјадници дечиња замрзнати од студот ќе умрат, што додатно ќе ја зголеми и прошири хуманитарната катастрофа во таа земја, до нас и понатаму допираат вести за несериозноста на Асад, претседателот на стаклени ирански нозе.
Па така, гледаме дека сакал да се кандидира за трет мандат, доколку народот тоа го сакал, излегува по странски медиуми и и се заканува на Турција, како таа да му е виновна за состојбата во земјата, а гледаме и дека распишува конкурс за полициски оркестар, бидејќи на полицијата само уште тоа и недостасува.
Што тој сака со ова? Најверојатно сака да покаже дека тој сеуште води некаква држава, со замислена инфраструктура и народ, забрикадиран во некоја крајбрежна руска база, опкружен со иранските генерали и тајната служба на чичко му, докажувајќи легитимност пред неинформираната светска јавност. Покажувањето заби кон Турција, која толку очајно сакаше да ја вовлече во својата граѓанска војна, за да ја крене на ниво на регионална, бидејќи и онака веќе Иран и Либан се вмешаа, па дури и со напад на турска територија убивајќи невини цивили е исто дел од таа негова неуспешна тактика.

А за оркестаров, бидејќи сè е под контрола во државата, а безбедноста е на завидно ниво, друга функција не се гледа, освен да свири посмртни маршови. Прашање е само за кого ја подговтвува, зашто поговорката во овој случај гласи: кој на друг посмртен марш му спрема, нему ќе му го свир(н)ат!
А што народот сака? Па зарем не се гледа што е волјата на народот? Сите градови му се со двотретинска контрола на опозицијата, освен неколкуте крај Медитеранот кои за него ги контролираат терористите од проирански Хезболах.

Дури и покрај геноцидот кој го врши врз сирискиот народ, со над 150 000 жртви, со околу 6 000 000 бегалци, со неколку милиони затворени, заробени и постојано свирепо тортурирани, сепак не може да одржи контрола ни над 25% од територија на Сирија. Иако народот во оваа состојба не знае кого да сака, ниту пак може некому да верува, сепак народот во Сирија знае кого не сака и жестоко се бори против тоа. Тој и неговото семејство, како полтрони на руско-иранските стратешки интереси, мораат да си заминат, да бидат судени и да платат, а судбината на државата да остане во рацете на народот, без влијание на интересите на Истокот или Западот. Па ако суште не му е јасно што народот сака, нека повели нека се кандидира. Навистина ќе биде интересно како и каде тоа ќе го спроведе.

Колку и да се лаже себеси, колку и да го лажат оние околу него, сепак нема да му успее да ја измами светската јавност. Неговата, но и руската и иранската пропаганда, не се посилни од пораката која ја пренесуваат бегалците ширум светот! Нивната состојба е реалната состојба на Сирија во моментов.

Но, од негова точка на гледиште тој има основа за вака да несериозно да постапува.

Тој е охрабрен од дволичната политика на меѓународната јавност, кои од состојба на готовност за воена интервенција, паднаа на ниво на уништување на хемиското оружје и мировна конференција, давајќи му време да се консолидира, да се легитимизира и повторно своите досегашни умоболни масакри да ги изрелизира.

Автор: Јасмин Реџепи

 

Најнови вести

Најново од Ракурс

Најчитани вести