Mакедонија во моментов се наоѓа пред многу предизвици но еден од најголемите предизвици и е промената на свеста и создавање на нов функционален систем на вредности.
Таа промена треба да се случи не само кај оние кои раководат со земјата, напротив таа треба да се случи кај секоја индивидуа.
Што е тоа за што зборувам? Најлесно ке биде ако го погледнеме досегашниот мета општествен систем кој го градевме. Зошто мета, затоа што формалниот систем го обезбедува се на што треба а не се следи или пак формално се следи а не сусштински. Суштинското следење на системот е единствената шанса да се врати довербата во институциите на системот и меѓу самите себе.
Како е сега? Прво граѓанинот себе си се изземал од одговорноста и од активноста на сите процеси во државата и смета дека тој таму некаде високо е виновен за се што му се случува. Тоа е карактеристика на жител а не на граѓанин, затоа што граѓанинот знае дека тој е одговорен за сите процеси во општеството. Ќе прашате како, на тој начин што е проективен во своето живеење и веднаш реагира кога нештото што се случува не е во ред. Кога се реагира во моментот не се натрупуваат проблемите како што ни се натрупаа нам. Кога власта, која и да е, знае дека има проактивни граѓани кои ги бараат своите права и ги знаат своите обврски ќе води сметка што прави.
Појдовната точка на размислување на секој граѓанин е дека политичарите и власта се тука избрани од нив самите со една цел, да им обезбедат што пофункционален систем на живеење, каде што оној што вреди ќе биде награден а оној што не ќе му се даде можност да се надгради и промени ако самиот тој сака. Вредноста на една индивидуа се согледува многу лесно, според она што го прави добро и е општествено корисен а според тоа и е награден. Во еден таков систем натпреварот меѓу индивидуите е креативен и продуктивен и полека полека носи до благосостојба за разлика од ова сега што го имаме каде со единственото правило на игра е чив си и ако си наш добро е, што и да правиш како и да го правишт тоа ќе бидеш награден и заштитен од другите. Тоа полека полека создаде криминогени умови кои максимата се е возможно тотално погрешно ја протолкуваа.
Граѓанинот е тој што се бори за себе и за другиот подеднакво и знае дека ако него и на другиот му е добро на сите им е добро, тој дава пред да земе додека во сегашниот момент се зема без размисла да се даде и сподели со другиот. Тоа се одразува во секој сегмент на општественото живеење и се согледува во правилната фунционалност на институциите. Тие едноставно си ја вршат својата работа лесно и транспарентно затоа што се тука за граѓаните и се платени од нив а не обратно.
Граѓанинот познава етика, интегритет и кредибилитет. Тој знае за што и за кого се бори, тој не е во функција на заштита на туѓи агенди, нечесни дејства и политикантства кои не одат никаде освен во лична добит која никогаш не се исплаќа затоа што цената е превисока…барем така историјата покажала. Тој нема да дозволи да биде вовлечен во разни манипулативни игрици кои траат без крај кога еднаш ќе започнат. Неговиот глас вреди и тој го знае тоа и не го дава лесно за кутија цигари. Ќе речете ама вработување па и за минимална плата. НЕ, граѓанинот верува во својот квалитет го почитува својот збор и избор. Знае дека со своите две раце и образуваниот ум ќе може да постигне се што ке посака дали тука и овде или пак на некое друго место. Тој не влегува во разно разни купи продај договори од кои само го извлекува подебелиот крај и станува роб на сопствениот неморал кој ниеден скап автомобил и добар чевел нема да го покријат.
Е почитувањето на тие основни правила на игра кои важат во целиот напреден свет не донесоа до ова дереџе на кое сме сега. Ситните и мали придобивки со кои тој дозволи да биде купен го направија роб и само жител на една земја…му го одземаа правото на достоиствен граѓанин затоа што за достоинство треба да се потрудиш, а за купи продај договори само треба да си замижиш себе си и да им нанесеш штета и на своите деца и на идните генерации затоа што тие гледаат и учат и мислат така треба, тоа е шансата за успех.
Токму тие жители кои слободно можам да кажам имаа ефтини стандарди дозволија нашето општество да детериорира во системите на вредности. Брзите и незаслужени придобивки станаа основна цел на живеењето и полека полека се изгуби довербата во соствената моќ и способност успешно да се делува.
Тука ја гледам прекретницата која треба да се случи во најскоро време, а тоа ќе се случи кога вака обесхрабрените луѓе ке согледаат дека правото постои и дека непочитувањето на правото има зеро толеранција. Кога ќе се види дека доброто е добро лошото е лошо и секое си има свое место во животот а не обратно сменето.Тоа важи за секој од нас поединечно. Тука е вербата тука е напредокот и можноста. Само на таков начин може да се отвори енергијата која сега е тотално закречена и сопрена и да се продвижи мегу народот. И тоа мора да се случи, назад повеќе нема.
Камелија Шојлевска


