На прашањето кога и на која партија ќе и го додели мандатот за формирање влада, со оглед на тоа што тече рокот, шефот на државата одговори дека „ќе се постапи како што е наведено во Уставот“. Некој малку понеупатен во неговите постапки – ако воопшто остана таков – ќе помисли дека Ѓорге Иванов е легалист, некој што доследно ги почитува, и ги спроведува, законите во државата. Но, тоа е само делумно точно. Таканаречениот претседател се држи до законот само во (ретки) случаи кога тоа му одговара на неговиот партиски шеф и политички ментор. Тој докажа дека е (оне)способен само доследно да ги исполнува желбите и да ги задоволува потребите на Никола Груевски. И да постапува така како што е наредено од него. Неговиот збор за претседателот е закон, посилен и од Уставот. Иванов, да се потсетиме само на најдрастичниот, најзлосторничкиот потег, без око да му трепне ги прекрши и законите и Уставот, ја злоупотреби функцијата и прогласи аболиција само за да го спаси Груевски, заедно со другите припадници фамилијата на власт, од каква било одговорност и од кривичен прогон.
Со оглед дека партијата-коалицијата на Груевски освои 51 пратеничко место, се очекува денеска, кога истекува последниот уставен рок, македонската јавност да биде очевидец на исполнувањето на уште една м(р)ачна процедура во која еден припадник на злосторничко здружение, повикувајќи се на Уставот, му дава мандат на другиот за да состави влада. Ако по се што направи, и што најави дека ќе прави – во прогласот пред ДИК и во мегаинтервјуто во „Република“ – мандатарот навистина состави влада, тогаш може да се каже дека на Македонија реално и истекува и последниот рок да (о)стане држава. Тогаш нема да биде потребна ни помошта, односно платформата, на партиите на Албанците. Сами ќе си ја завршиме работата.
Злате Лозановски
Објавено во Слободен печат


