Со концерт на плоштадот Синтагма и традиционален огномет беше дочекана Новата година во Атина, а на одбројувањето присуствуваше и новиот градоначалник Харис Дукас, јави дописничката на МИА од Атина.

Грчките музичари Никос Портокалоглу и Марина Сати, која годинава ќе ја претставува Грција на Евровизија на присутните им приредија незаборавна забава, додека пак точно на полноќ, небото го осветли импресивниот огномет.
Новиот градоначалник на Атина посака Новата година сите да ги направи поправедни, пообединети, пооптимисти.
-Најубавото патување сега започнува! Среќна Нова година Грција! Среќна Нова година Атина! Здравје, љубов и бериќет на сите, порача новиот атински градоначалник.

Ова беше прва Нова година за Дукас на позицијата градоначалник, со оглед на тоа дека пред неколку дена ја презеде должноста.
На концертот на плоштадот Синтагма, дел од присутните имаа развеани палестински знамиња, изразувајќи солидарност за народот во Палестина.
МИА


