Портпаролот на Европската комисија Петер Стано денеска изјави дека се очекува Србија „целосно и безусловно да соработува“ во истрагата за што поскоро да се добие јасна слика за тоа што се случи во Бањска на 24 септември и кој е одговорен за тоа.
„Врз основа на тоа, Европската унија (ЕУ) ќе одлучи кои ќе бидат следните чекори во нашиот пристап кон Србија, Косово, дијалогот и регионот“, изјави Стано во Брисел.
На прашањето со кого Србија треба да соработува во истрагата бидејќи тоа не му штети на Косово, Стано рече дека „ако има волја, има начин“ и дека „не треба да се крие зад формалноста на признавање или непризнавање“.
„Има доволно начини на кои можете да ги споделите вашите наоди, како можете да соработувате за да придонесете за целосна истрага. Затоа што она што се случи на 24 септември е толку сериозно што мора целосно да се разјасни бидејќи ќе има последици“, рече Стано.
Тој додаде дека не сака да навлегува во деталите и фазите на истрагата.
– Ставот на ЕУ е јасен – очекуваме целосна и безусловна соработка од Србија и секој што може да придонесе за што поскоро да имаме јасна слика кој учествувал и кој го оркестрирал нападот, нагласи тој.
МИА


