Пет прашања кои ме мачат
Другари, знам дека е време за солидарност и хуманост и дека треба да им се помогне на настраданите во скопско чии домови се поплавени.
Знам дека е Денес ден на жалост за загинатите 21 жртви од невремето и поплави, предизвикано од човечка небрежност. Сочувство за нивните семејства
Знам и дека од нашиот сиромав македонски народ со големо срце се собраа 100.000 евра донации за поплавените подрачја.
Само неколку работи еве НЕ ЗНАМ, ме мачат, па си реков да прашам:
1. Како тоа власта може да се организира да донесе неколку стотини гласачи од Пустец, да им обезбеди храна и сместување, лични карти и живеалишта за Избори, па дури и со автобус да ги шета по неколку градови за гласање, а не може да се организира ЕВАКУАЦИЈА на поплавено население на само неколку километри од Скопје и да им се помогне на сите, а не стихијно и селективно?
2. Еве не знам, за што служат оние средства во висина од чинам седум (7) милиони денари предвидени со ребалансот на Буџетот, за елементарни непогоди, ако не се користат сега во најзагрозените поплавени подрачја? А претставниците на власта и невработениот екс-премиер изиграваат витези пред камери, со наши народни пари кога носат оскудна помош до настраданите. И зошто се поттикнува народот да донира од свој џеб во нефункционална држава со збунети и некадарни институции кога милиони евра наши пари се тршат за нефункционални намени, на пример за споменици, галии и тркала.
3. Не знам за што служат Стоковите резерви на Република Македонија со храна и неопходни средства наменети токму за вакви непогоди, а не се користат сега, па се донира храна, вода и лекови од поединци, фирми, загрижени граѓани, хумани волонтери кои несебично помагаат, но не можат да постигнат секаде.
4. За што служат војската и полицијата ако не се ангажирани за расчистување на теренот после вакви страотни несреќи со катастофални последици, еве не знам. За време на протести се бројни, во полна спрема и мотивирани за одбрана на врхушката.
5. И петто и најважно. Како тоа екс- премиере, вас душата ве боли за навреда во висина од 500.000 евра, па потоа се спогодивте на 50.000 евра со судот да наплатите од лидерот на опозицијата, а семејствата на загинатите да добијат само неколку илјади евра како надохнада за смрт на свои најмили. Нив не ги боли душата колку вас? Или душата на сиромавиот помалку боли?
Прашања се ова кои цел ден ме мачат, па морав да прашам, простете ако не ви го погодив моментот.
Фејсбук статус на Наташа Струмениковска


