Истражувањето на научници од Универзитетот во Источна Англија покажа дека промените во ДНК-та на поларните мечки може да играат улога во нивната способност да се прилагодат на високите температури.
Студијата, за која се вели дека е прва што утврдува статистички значајна врска помеѓу зголемувањето на температурите и промените во ДНК-та кај дивите цицачи, е објавена во списанието „Мобил ДНК“, пишува „Гардијан“.
Климатските промени сериозно го загрозуваат опстанокот на овој вид, а проценките покажуваат дека две третини од поларните мечки би можеле да исчезнат до 2050 година поради топењето на леденото живеалиште.
Научниците анализирале примероци од крв од мечки од два региона на Гренланд и ги споредиле таканаречените „скокачки гени“ – мобилни делови од геномот што влијаат на функцијата на други гени. Тие откриле дека гените поврзани со топлинскиот стрес, стареењето и метаболизмот се однесувале различно кај мечките од југоисточен Гренланд, што укажува на можна адаптација на потопли услови.
Водечката авторка на студијата, Алис Годен, изјавила дека зголемувањето на температурата влијае на зголемената активност на овие гени.
Според неа, единствена група мечки од најтоплиот дел на Гренланд користат „скокачки гени“, што би можело да биде механизам за преживување во услови на топење на морскиот мраз.
Наодите покажуваат дека мечките во потоплите региони се соочуваат со различна исхрана и изменето живеалиште, со генетски промени забележани во областите на ДНК поврзани со преработката на маснотии.
Мечките од југот имаат погруба исхрана базирана на растенија, за разлика од северните мечки кои се хранат главно со фоки.
Истражувачите идентификуваа повеќе генетски жаришта со интензивна активност на „скокачки гени“, вклучувајќи региони за кодирање на протеини, што укажува на брзи и фундаментални генетски промени.
Следниот чекор ќе биде да се испита дали слични модели се појавуваат кај други популации, од кои има 20 низ целиот свет.
Научниците веруваат дека резултатите би можеле да помогнат во спасувањето на видот, но нагласуваат дека е клучно да се забави порастот на температурата со намалување на емисиите на јаглерод.
Годен предупреди дека и покрај потенцијалната надеж што ја нудат наодите, поларните мечки остануваат во сериозен ризик.


