Пратеничката Ленче Николовска на денешниот прв ден од расправата за Буџетот за 2014 година се осврна на парите кои владата ги планира за субвенции на земјоделците.
– Министерот рече дека за 2014 година за земјоделците ќе има наводно 140 милиони евра. Велам наводно бидејќи и за 2013 година тие најавија 130 милиони евра, па до сега немаат ниту едно евро исплатено. Владата ја нема исчистено ни 2012 година, сеуште има земјоделци кои немаат добиено субвенции иако крајниот законски рок 30 јуни помина. Значи тие со предвидените 140 милиони евра за 2014 година фактички ќе ја исплаќаат годинава – рече Николовска и додаде дека ненавремената исплата на субвенциите како и неправилната распределба доведуваат до тоа овие буџетски средства да немаат никаков развоен ефект.
-Освен Ставрески, Груевски и директорот на платежната агенција, Тони Димовски, никој друг не знае кога, колку и на кого му се исплаќаат субвенции. Груевски не го прашуваме, тој по обичај не знае, прв пат претпоставувам ќе слушне од мене дека ги нема парите, ама последен шок ми приреди директорот на платежната агенција Тони Димовски, кого го нема жив да се јави во Собрание или во јавност да каже до каде е исплатата, ама затоа се појави во рекламен спот што се емитува среде забавната програма на Алфа во реалното шоу „Фарма“, и им порача на земјоделците дека било добро да има некој да ти помогне- изјави Николовска.
Таа рече дека Владата многу ги понижува граѓаните и земјоделците и дека е ова недозволиво и не смее да се случува.


