Таму сега секна чешма, тажен јавор нема глас…

Во општината на песната, на благородните калинки и вкусните смокви креативноста, прогресивноста, авангардата и позитивноста се тотално нокаутирани. Со секое ново утро се потажни се песните, а се погорчливи се калинките и смоквите. Нема енергија. Нема живост. Нема надеж во очите кај граѓаните на нашата мала општина – Валандово. Живеењето стана привилегија само на одредена мала група, преживувањето за останатите мачно и скапо, другарството стана виртуелно, а билетот за странство неверојано ефтин!

Секој нов ден е се потежок и сурово неизвесен. Генерално досаден, но проклето непросперитетен. Секоја нова вечер се помалку жители на општината си легнуваат во своите домови. Си одат. Заминуваат. Патуваат. Се враќаат. На месец-два. И пак си одат. Многумина и не се враќаат. Засекогаш!

Инертноста и тишината најдобро го илуструраат моменталното беспаќе. Младите се тотално дезориентирани и во безизлезна ситуација. Новите вредности, критериуми и политики за пронаоѓање на своето место под Сонцето и егзистенција во нашата општина (и татковина) само дополнително го засилуваат ветрот кој ги носи забрзано далеку одовде. Ги носи во Италија. Во Германија. Во САД. На брод. Насекаде. Низ светот. Било каде. Да пловат. За гола егзистенција да прифаќаат голема неизвесност и турболенција!

Додека голем дел од населението се иселува и ја напушта општината, локалните власти најавуваат отпочнување со работа на рударскиот комплекс во Казандол. Инвестицијата беше најавена без консулации со граѓаните, без системски пристап за штетните влијанија и опасности по здравјето на луѓето, природата и земјоделството. Без транспарентност. Без визија. Можеби со провизија! Економската исплатливост и рентабилност при донесувањето на вакви крупни одлуки кои по дифолт би направиле сериозни општински и општествени поместувања не се доволен аргумент за отпочнување со работа на рударскиот комплекс. Додека пак, паушалноста, криењето на информации и брзината на процедурите недвосмислено оставаат простор за сомнеж. И нов страв. Локалните власти и понатаму замислениот развој на општината го темелат на малите (и веќе застарени) капацитети. Тотално нестимулирачки и без значајна додадена економска вредност. И на ефтината работна сила. Нема нови инвестиции. Нема нови капацитети. Нема нова технологија. Нема нов маркетинг. Нема нов менаџмент. Нема стратегија. Развој уште помалку! Нема елементарни услови за задржување на младиот кадар и потенцијал одве. Главната водилка при напуштањето на општината кај граѓанството е синтагмата дека е “подобро да си роб за неколку илјади евра далеку одовде, отколку роб за помалку од двесте евра овде”!

И додека трендот на напуштање на општината од страна на граѓанството продолжува, и галопирачки и загрижувачки се шири, нашите општински креатори на политика не превземаат апсолутно ништо тоа да го амортизираат и спречат. Ставени во центрифугата на општата политичка констелација во државата за нив многу побитно е да ја (с)нема звездата на монументалниот споменик во Валандово, името на основното училиште да не биде Јосип Броз Тито, да расчистат со “комуњарите”, да асфалтираат патишта со песок, да најавуваат некои навидум преродбенички проекти и работилници за младите кои згаснуваат уште незапочнати со работа, изградбата на некои чудни повеќенаменски игралишта. И верски објекти. За колективно крстење. Бидејќи нели, и сиромавиот верник и ѓаволот се крстат кога се во неволја. И така натаму…

А натаму. Во општината има населени места со урнебесни повеќенаменски игралишта, но без основна инфраструктура, водовод и канализација. Некои населени места имаат нерешени водоводни прашања и имаат неквалитетна вода за пиење. Поројните води остануваат опасност за земјоделците и домаќинствата при малку поинтензивни врнежи. Во општинското средно училиште “Гоце Делчев” (кое своевремено беше расадник на таленти и кадри) бројот на новозапишани ученици од година во година рапидно се намалува. Општината нема сместувачки капацитети и доволно репрезентивни угостителски објекти. Бројот на новороденчиња стагнира, стресот експанзира, просечните години на смртност кај граѓаните стануваат алармантни. Нерешавањето на прашањето поврзано со градските гробишта останува горчлив и емотивен проблем и понатаму. И нема потреба од понатаму. Доволно е!

Во пресрет на новото издание на традиционалниот и реномиран фестивал на новосоздадени народни македонски песни “Фолк-Фест Валандово” уште еден во низата репрезенти на Валандово на меѓународно ниво, a кој во моментов недомаќински, без стратегија и лукративно се менаџира, – (но за тоа во друга прилика), во општината само на малкумина им е до песна. И тие се, всушност и единствените распеани Валандовчани. А на остатокот, ни преостанува само меланхолично да си ги потпевнуваме стиховите од легендарната валандовска песна на Ѓоко Дончев -“O, доме мој”:

…таму сега секна чешма, тажен јавор нема глас, згасна таа наша песна и со неа згаснав јас… …каде и да сме!

Перо Костадинов

 

Најнови вести

Најново од Ракурс, Ударни вести

Најчитани вести